Вучиќ: Македонски државјанин меѓу 14 загинати во несреќата во Нови Сад
Непознат е идентитетот на пет лица, осум се државјани на Република Србија, едно лице е државјанин на Северна Македонија
Српскиот претседателот Александар Вучиќ во вечерашното обраќање до јавноста изјави дека во денешната голема трагедија во Нови Сад, кога се урна настрешницата на главната железничка станица, загинале 14 лица, дека еден од загинатите е државјанин на Северна Македонија, а идентитетот на пет лица се уште не е утврден, јави дописниот на МИА од Белград.
– Денеска во 11:50 часот голема трагедија ја снајде нашата држава. На главната железничка станица во Нови Сад, настрешницата се урна врз голем број луѓе кои беа во непосредна близина на железничка станица, рече Вучиќ во вонредното обраќање до граѓаните.
Тој додаде дека според последните информации загинати се 14 лица и дека се надева дека тоа е конечната бројка.
– Не успеавме да го дознаеме идентитетот на пет лица, осум лица се државјани на Република Србија, едно лице е државјанин на Северна Македонија, рече Вучиќ.
Тој изјави дека бара Обвинителството во Нови Сад и Владата на Србија да ги гонат и најстрого да ги казнат одговорните за уривањето на дел од настрешницата во Нови Сад.
– Одговорните, ве уверувам, ќе бидат казнети. Барам политичка, а пред тоа и кривична одговорност, рече Вучиќ.
Тој посебно им се заблагодари на спасувачите, „на луѓето кои цел ден се бореа и страдаа, на работниците кои со своите машини се обидоа да го спасат секој живот што можеше да се спаси“.
– И денеска во оваа голема трагедија успеавме да ги покажеме срцето и душата на нашиот народ, не само Нови Сад, цела Србија застана и остана без зборови. Во еден момент кога спасувачите успеаја да ја извлечат младата жена, а докторите веќе беа подготвени да и ја отсечат раката, затоа што беше притисната од неколку тони, па некако успеаја да ја извлечат со машини, видов солзи радосници кај нашите спасувачи во целата трагедија и сите маки, а тоа покажува колку се големи овие луѓе и каква е целата наша нација, рече Вучиќ.
Дачиќ: Единаесет жртви откако се урна настрешница на железничката станица во Нови Сад