Левица: ДПМНЕ мисли дека народот е идиот – итно да се објават сите документи за 5,5 милиони евра народни пари!
„Откако упорно го криеја од јавноста секој податок околу прославата за јубилејот од независноста, Владата сега колку повеќе се обидува да ја закрпи приказната за прославата, толку повеќе од неа ѕиркаат недоследности, нелогичности и дупки што не можат да се покријат. Рокот за доставување понуди истекол во петок, 8 мај во 12 часот, пристигнала само една понуда од околу сто страници, а веќе во вторник, 12 мај, Владата и „Авалон“ пред камерите ја најавија програмата и Дејвид Гета. За неколку календарски дена, од кои два се викенд, требало да се отвори документацијата, да се провери нејзината комплетност, да се изврши суштинска евалуација, да се проценат продукциската и финансиската оправданост, да се подготви извештај, да се донесат потребните одлуки и избраниот субјект да биде подготвен за официјална владина презентација“ соопштија денеска од партијата Левица.
Велат „постои директна контрадикција во и околу самата Комисија. Во јавниот повик јасно е наведено дека таа ја спроведува постапката, врши евалуација, изготвува извештај со предлог за избор на најповолен понудувач и оценува цел спектар критериуми, квалитет и иновативност на концептот, продукциска вредност, очекуван јавен интерес, техничка и логистичка подготвеност, финансиска оправданост и транспарентност. Денес, пак, нејзиниот претседател Николче Мицевски тврди дека Комисијата практично служела само за да утврди дали документите биле комплетни и навреме доставени… Не може тело што според официјалниот повик требало да оценува проект од пет милиони евра, откако ќе се појават незгодни прашања да се претвори во шалтер. И доколку тврдењето на Мицевски е точно, тогаш кој ја извршил суштинската евалуација предвидена со повикот, а доколку повикот е во право, тогаш зошто неговиот претседател денес ја сведува сопствената улога на шалтерски работник?“.
„Магла врз целата постапка фрла и улогата на Мицевски. Човекот што претседавал со Комисијата која ја разгледувала единствената понуда подоцна се појавува како автор на аранжманите во концертот со Хозе Карерас, додека Бобан Милошески јавно кажува дека со својот „пријател и долгогодишен соработник Николче Мицевски две години разговарале за тој проект“. Од друга страна, Мицевски тврди дека во моментот кога ја водел Комисијата не знаел дека подоцна ќе биде ангажиран во програмата. Се наметнува прашањето дали проектот со Карерас веќе бил содржан во понудата што ја разгледувал, кога точно започнале разговорите за негов ангажман, кога е договорен, од кого и под кои услови, како и дали пред учеството во Комисијата дал формална изјава дека не постои судир на интереси. Редоследот на настаните мора да биде докажан со документи“ е ставот на Левица.
Од партијата велат „Петок се затвора повикот, следуваат два неработни дена, а во вторник веќе имаме избран реализатор, светска ѕвезда и владина презентација, претседателот на Комисијата ја опишува сопствената задача спротивно од она што пишува во повикот, а потоа самиот станува дел од програмата за која неговата Комисија постапувала. Ако сето ова било беспрекорно чисто, тогаш нема никаква причина документите да останат зад затворени врати“.