Познати кандидатите за градоначалник на Брвеница
Владините коалиционери ВМРО-ДПМНЕ и Влен истакнаа одделни кандидати за градоначалник на Општина Брвеница за претстојните вонредни избори по смртта на Јовица Илиевски од најголемата партија во владејачката коалиција.
Стојанчо Радичевски ќе „трча“ за ВМРО-ДПМНЕ како изгласан со акламација од Извршниот комитет на партијата, а Јакуп Хусеини за Влен.
Радичевски е претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница, магистер по граѓанско право, дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Хусеини, пак, е магистер по правни науки и работи како државен службеник во Општина Брвеница.
На последните локални избори победи Јовица Илиевски со 145 гласа повеќе од Хаќим Рамадани од Влен.
Демократската унија за интеграција на изборите во Брвеница ќе настапи со Аркин Јахији.
СДСМ, пак, го кандидира Јовица Радески. Тој доаѓа од приватниот сектор, ветеринар по професија. Тој е актуелен советник и носител на советничката листа на СДСМ.
Според последниот попис од 2021 година, Општина Брвеница има 13.645 жители, од кои 54% Албанци и 45% Македонци.
Вонредните избори за градоначалник на Брвеница се закажани за 18 октомври 2026 година.
Вонредните избори во Брвеница доаѓаат откако во јуни оваа година ненадејно почина Јовица Илиевски, кој во ноември 2025 година по вторпат беше избран за градоначалник.