Ковачевски на средба со Шарл Мишел во Брисел


Белгија– Во текот на денешниот ден премиерот Димитар Ковачевски ќе се сретне со претседателите на Европскиот Совет и на Европската Комисија со кои ќе разговара за ЕУ патот на Северна Македонија и бугарската блокада, јави дописничката на МИА од Брисел.

Денеска во 9.30 часот премиерот Ковачевски треба да се сретне со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел. Средбата беше одложена вчера поради лични причини на претседателот на ЕС. Со Мишел премиерот ќе разговара за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и блокадата на Бугарија во Советот на ЕУ.

Европската Унија се надева дека до крајот на француското претседателство со ЕУ, на 30 јуни, ќе се деблокира спорот меѓу Скопје и Софија и со тоа ќе можат конечно да започнат долго одложуваните преговори за членство со Северна Македонија, но и со Албанија, за која голем број земји членки на ЕУ не сакаат да дадат зелено светло без С.Македонија.

Улогата на Мишел како претседател на Европскиот Совет и директен соговорник на шефовите на држави и влади може да помогне во овој процес. Мишел е исто така сопартиец и близок со францускиот премиер Емануел Макрон. Со Мишел се очекуваат разговори и за регионалните прашања.

Потоа Ковачевски ќе се сретне со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Европската Комисија конзистентно на земјите членки на ЕУ им препорачува што поскоро отпочнување на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција. Комисијата смета дека Северна Македонија со години ги исполнува сите услови и бара од Софија и Скопје што поскоро да изнајдат заеднички прифатливо решение за да се крене блокадата на Бугарија.

Во текот на вчерашниот ден премиерот Ковачевски се посвети на безбедноста и НАТО. Тој се сретна со генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Јенс Столтенберг, од кого доби пофалби за безбедносниот придонес на Северна Македонија, посебно во регионот на Западниот Балкан.

-Северна Македонија му се приклучи на НАТО пред речиси две години, вие се покажавте како високо вреднуван партнер, стабилноста на Западниот Балкан е од голема важност за НАТО и ги поздравуваме вашите напори за промовирање на безбедноста, стабилноста и напредокот во регионот, ова го вклучува и вашето учество во мировната мисија во Косово, изјави Столтенберг по средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски вчера.

Столтенберг и Ковачевски разговараа за конфликтот во Украина и односите со Русија.

НАТО смета дека растечкото руско воено присуство на границата со Украина постигна 100 илјади трупи, а забележано е и “значајно движење на руските воени сили во Белорусија“.

-Ова е најголемото руско распоредување од Студената војна, изјави Столтенберг на пресот со македонскиот премиер Ковачевски.

Во овој контекст, генералниот секретар порача дека Северноатлантската алијанса “продолжува да бара деескалација“ од Русија и предупреди дека секоја “дополнителна руска агресија ќе има сериозни последици и тешка цена“.

Истовремено, Столтенберг порача дека НАТО сака да биде ангажиран во дијалог со Русија, откако Алијансата испрати серија предлози за смирување на тензиите до руските власти.

-Но, НАТО нема да прави компромис за своите темелни принципи: правото на секоја нација да го одбере својот пат и способноста на НАТО да ги заштити и одбрани своите сојузници, предупреди генералниот секретар.

Вчера САД испрати воено засилување во источна Европа – Германија, Полска и Романија, во знак на подготвеност да се одговори на руска акција во Украина.

Столтенберг ја поздрави одлуката на САД и ја нарече “силен сигнал на посветеноста на САД“.

-Исто така разгледуваме распоредување на дополнителни борбени групи на НАТО на југоисточниот дел од Алијансата“, изјави шефот на Северноатлантската алијанса.

Ковачевски од своја страна даде поддршка за работата на Алијансата во однос на Русија и Украина, истакнувајќи дека токму политиката на отворени врати на НАТО и овозможи на Северна Македонија да стане земја членка.

-Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во врска со состојбата на односите на европската безбедност со фокус на Украина и транспарентноста, намалување на ризикот и контрола на оружјето. Целосно го поддржуваме суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет во меѓународно признаените граници, изјави Ковачевски по средбата со Јенс Столтенберг вчера.

Ковачевски вчера исто така оствари средба со претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола.