Втора шанса за одложување на плаќање на кредитите бараат 20 до 30 отсто од тие кои веќе ги одложиле обврските
Дваесет до 30 проценти од граѓаните што ја искористија можноста за одложување на плаќање на ратите на кредитите во првиот период, кој почна од април и трае до крајот на овој месец, побарале да ја искористат и втората дадена можност од банките за одложување на отплата на обврските за уште шест месеци.
Банките веќе ги имаат објавено понудите за да може тие што имаат потреба, да се пријават, а во наредниот период ќе се знае точно на кои ќе биде одобрено одложување на плаќањето на обврските, затоа што сега оваа мерка на банките и Народната банка, е да се опфатат тие што навистина имаат проблем со отплатата.
На крајот на овој месец завршува периодот на одложена отплата на кредитните производи за население согласно понудата што деловните банки ја објавија за сите свои корисници на почетокот на април годинава, во согласност со регулативата на НБРСМ. Понудата според споделени податоци ја одбија една третина од граѓани, но дел од оние што првично ја прифатија потоа потоа се вратија повторно во редовна отплата на кредитите.
Според понуденото граѓаните го одложија плаќањето на обврските од 1 април до 30 септември, во период од шест месеци. Понудата можеа да ја користат сите физички лица за кредити, кредитни картички и/или дозволени пречекорувања, а кои на 29 февруари беа класифицирани во категорија на ризик буква А, Б или В и немаат статус на нефункционална кредитна изложеност.
Новите шест месеци одложување на плаќање на обврските не се однесува на сите физички лица.
-Имајќи ги предвид продолжените несакани ефекти од пандемијата на Ковид-19 врз економијата и врз животот на граѓаните, а согласно регулативата на Народната банка, банките во Република Северна Македонија овозможуваат втор период на одложена отплата на кредитни производи, само за клиенти кои имаат реална, неопходна потреба, како на пример: останале без работа, имаат намалени месечни примања, високи трошоци за лекување и сл. Вториот период на одложена отплата нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние коишто се соочуваат со реални потешкотии предизвикани од ковид-кризата, наведуваат од банките.
Секоја деловна банка на својата веб страница има објавено детални иформации, а клиентите рок од 10 дена од објава на понудата да се изјаснат дали имаат потреба од продолжување на одложената отплата на обврските.
Граѓаните треба да ја информираат банката, дека ја прифаќаат понудата, а потоа и да ги образложат причините за одложување на отплатата, дали е тоа поради намалени приходи, изгубено работно место и/или настанати потреби за лекување во изминатиот период, кои ќе бидат соодветно разгледувани и за истите ќе се донесе одлука.
Граѓаните ќе бидат во можност да користат до шест месеци продолжување на рокот на отплата на своите кредитни обврски, за сите или за дел од кредитните производи кои ги користат, во зависност од пристапот и понудата на секоја банка.
Според објавената понуда на Комерцијална банка, одложената отплата од 1 октомври до 31 март може да ја користат граѓани кои имаат намалени месечни приходи од 10 отсто или над 10 отсто во периодот на ковид-кризата споредено со месеците од пред ковид-кризата, им престанал работен однос во периодот на ковид-кризата, имале високи трошоци за лекување во периодот на ковид-кризата, како и поради отсуство на приливи на трансакциска сметка (плата и други приливи) во периодот на ковид-кризата споредено со месеците од пред ковид-кризата.
Понудите се објавени веб страниците на сите банки.
Доколку настане промена на условите и тие се подобрат кај клиентот тој може да побара од својата банка да се врати во статус на редовна отплата и пред истекот на периодот од предложените шест месеци.
Податоците на Народната банка покажуваат дека населението и натаму се задолжува кај банки. Во август кредитите на домаќинствата, бележат месечен раст од 0,3 отсто, што е резултат на повисоките кредити одобрени во денари, додека кредитите во странска валута бележат пад. На годишна основа, растот изнесува девет отсто и е поизразен кај кредитите одобрени во денари. Со корекција на податоците за кредитите на домаќинствата на банката во стечај, растот на месечно и годишно ниво изнесува 1,2 отсто и 10 отсто соодветно.
Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во август потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, бележат месечен раст од 0,4 отсто и годишен раст од 9,6 отсто. Станбените кредити се намалени за 0,3 отсто на месечно ниво, при остварен годишен раст од 13 отсто. Кај автомобилските кредити падот на месечна и годишна основа изнесува од 0,9 отсто и 10,7 отсто, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички бележат минимален месечен раст од 0,1 отсто, при годишен пад од 3,7 отсто, додека негативните салда на тековните сметки остварија месечен раст од 2,1 отсто, при годишен пад од 10,9 отсто.