Дизелот и бензинот на историски рекорди во ЕУ, најлошото можеби допрва доаѓа
Цените на бензините и дизелот во Европската унија оваа недела достигнаа највисоко ниво од следењето на податоците, односно за повеќе од 20 години.
Според податоците на Европската комисија, полнењето на резервоар од 50 литри со бензин сега чини околу 103 евра, а со дизелот 108 евра. Високите маржи на рафинериите значително придонесуваат за растот на цените, а експертите на Европската централна банка проценуваат дека маржите на дизелот ќе го достигнат врвот дури во октомври, што сугерира дека цените може да останат високи, пишува Еуроњус.
Цените на горивата на бензинските пумпи нагло пораснаа по почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, што дополнително ги зголеми инфлаторните притисоци. Европската централна банка објави дека енергетската инфлација во еврозоната скокнала на 14,3 отсто во август, во споредба со 10,3 отсто во јули.
Просечната цена на литар бензин во ЕУ на 14 септември изнесувала 2.063 евра, а на дизелот 2.159 евра. Ова се највисоките регистрирани цени откако Комисијата почна да ги следи податоците во 2005 година. Претходната рекордна цена на бензинот беше забележана во 2022 година, додека дизелот последен пат се приближи до сегашното ниво во април годинава.
Најевтино во Малта
Цените значително се разликуваат помеѓу земјите-членки. Најевтиниот бензин бил на Малта, каде литар чинел 1,34 евра, додека најскап е во Данска со цена од 2,56 евра. И дизелот беше најприфатлив во Малта, каде литар чинеше 1,21 евро, а најскап во Финска, со цена од 2,51 евро.

Податоците доаѓаат од неделниот нафтен билтен на Европската комисија, објавен на 17 септември, а се однесуваат на цените забележани на 14 септември, со вклучени даноци и акцизи.
Растот на цените трае со месеци, од почетокот на војната со Иран на крајот на февруари, која го попречи протокот на енергија низ Ормутскиот теснец. Цената на референтната сурова нафта „брент“ во екот на конфликтот надмина 126 долари за барел, а во петокот барелот за испорака следниот месец се тргуваше за повеќе од 104 долари. Пред војната, цената беше околу 72 долари.
Снабдувањето на Европа е дополнително отежнато бидејќи Саудиска Арамко информираше најмалку две европски рафинерии дека нема да добијат договорени испораки на нафта во октомври. Според Блумберг, кој се повикува на упатени извори, одлуката се однесува на сите европски клиенти и е донесена по нападот на клучниот саудиски нафтовод што води кон Црвеното Море.
Зголемени маржите на рафинериите
Сепак, цената на суровата нафта на светските берзи не е единствениот фактор за раст. Значително порасна и цената на преработката на нафтата, а зголемени се и маржите на рафинериите, што дополнително ги зголемува цените на бензинските пумпи.
Рафинериската маржа ја претставува разликата помеѓу цената на суровата нафта и цената на добиените производи, како што се бензинот и дизелот.
Се чини дека маргините на бензинот веќе го достигнаа врвот, додека експертите на ЕЦБ за Euronews Business очекуваат маргините на дизелот да го достигнат врвот дури во октомври.
„Според цените на фјучерсите на дизелот забележани на 16 септември, маржите на дизелот се очекува да достигнат врв во октомври. Податоците за бензинот од истиот датум покажуваат дека неговите маржи го достигнале врвот во август“, велат тие.
Од почетокот на 2026 година просечната цена на бензинот во ЕУ е зголемена за приближно 29 отсто, а на дизелот за речиси 40 отсто.
Според анализата на ЕЦБ од јули, промените во цените на суровата нафта обично целосно се пренесуваат на цените на горивата пред оданочување во рок од еден до два месеци.

Во јули, суровата нафта сочинуваше помалку од една четвртина од цената на горивата во еврозоната. Останатите беа трошоци за обработка и дистрибуција, маржи и даноци, што ги објаснува големите разлики во цените меѓу земјите. Акцизите и ДДВ-то тогаш изнесуваа околу 44 отсто од цената на дизелот и 52 отсто од цената на бензинот.
Експертите од ЕЦБ посочуваат дека рафинериските маржи во моментов сочинуваат значителен дел од цената на дизелот.
„Проценуваме дека во третата недела од септември рафинериските маржи биле 0,41 евро за литар дизел или 19 отсто од малопродажната цена, а за бензинот 0,17 евра за литар или 8 отсто“, наведуваат оттаму.
Можноста за понатамошен раст на цените
Во извештајот за монетарната политика од 10 септември, ЕЦБ предупреди на дополнителни ризици.
„Новите нарушувања во снабдувањето со енергија може да предизвикаат понатамошни и подолготрајни зголемувања на цените отколку што се предвидуваше во моментов“, се вели во извештајот.
Експертите на ЕЦБ наведуваат дека крајот на конфликтот на Блискиот Исток и нормализацијата на снабдувањето со енергетски производи и работата на рафинериите би биле клучни за падот на цените.
„За да паднат цените на бензинот и дизелот, клучни фактори би биле крајот на војната на Блискиот исток, нормализирање на сообраќајот низ Ормускиот теснец и обновување на работата на рафинериите во светот со цел повторно да се зголемат резервите на нафта“, објаснуваат тие.
Ваквиот развој на настаните може брзо да ги намали цените на суровата нафта и малопродажните цени на горивата. Сепак, се предупредува дека проблемите и нарушувањата во работата на руските рафинерии би можеле да ги задржат маргините на високо ниво дури и ако се реши конфликтот на Блискиот Исток.