Втор ден затворен аеродромот во Катанија поради пепел од Етна


 Аеродромот во Катанија, на островот Сицилија, е затворен поради облак од пепел од вулканот Етна, соопштија италијанските власти.

Неколку десетици летови се откажани од вчера, вклучувајќи голем број меѓународни летови.

Најактивниот вулкан во Европа исфрла пепел од неделата. Според италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ), облакот од пепел достигнал висина од четири километри.

Нивото на тревога во авијацијата моментално е црвено, највисоко од четири нивоа, како што беше минатиот месец. Тоа значи дека ерупција со значителна емисија на пепел е неизбежна или веќе е во тек.

Работата на аеродромот во Катанија беше нарушена и минатиот месец поради активности на Етна. Во екот на главната туристичка сезона беа откажани стотици летови, а повеќе од 100.000 туристи беа заглавени на аеродромот.

Етна, со висина од околу 3.300 метри е најголем активен вулкан во континентална Европа.