Протести во Малта против новите давачки за работници кои не се од ЕУ

Според буџетот за 2027 година, засегнатите работници ќе треба да плаќаат за јавен превоз и за грижа за деца – услуги што жителите кои ги исполнуваат условите ги добиваат бесплатно


 

Во текот на изминатиот месец, зелените ленти на профилните фотографии на Фејсбук станаа симбол на солидарност со 94.000 работници во Малта кои не се од ЕУ, познати како „државјани на трети земји“ (ТЦН). Иницијативата „Проект зелена лента“ одржа тивок протест во Валета на 20 ноември и повика на помасовни демонстрации за 21 ноември.

Буџетот на Малта за 2027 година предвидува годишен надомест од 400 евра за обновување на работните дозволи, дополнителни 1.000 евра годишно за возачки дозволи, како и наплаќање за јавен превоз и грижа за деца. Двете услуги се бесплатни за малтешките државјани и за лицата со долгорочен престој кои работеле во Малта повеќе од пет години. Буџетот, исто така, предвидува бонус од 1.000 евра за малтешките работници и за работниците од други земји на ЕУ.

Поранешниот премиер од редовите на Лабуристичката партија, Алфред Сант, ја нарече одлуката за воведување давачки за нископлатените работници – „луда“. „Тоа не се прави со напаѓање на луѓето што се во најниската економска категорија, туку со вршење притисок врз работодавачите кои ги доведуваат тие луѓе“.

Критичарите ја обвинуваат Лабуристичката партија дека ги зема на нишан работниците кои не се од ЕУ, со цел да им угоди на гласачите загрижени поради порастот на населението и притисокот врз јавните услуги. Населението на Малта се зголеми од 428.000, кога лабуристите дојдоа на власт во 2013 година, на 588.000. Работниците од странство помогнаа да се задоволи побарувачката за работна сила на позиции како што се возачи на автобуси од Пакистан, медицински сестри од Индија и негуватели од Филипините.

Малтешкиот синдикат на бабици и медицински сестри предупреди дека заминувањето на овие работници може дополнително да го влоши недостигот на кадар и негативно да влијае врз грижата за пациентите. „Веќе се појавуваат пукнатини, бидејќи државјаните на трети земји планираат да ја напуштат Малта“, изјави претседателот на синдикатот, Пол Пејс. „Ова би било многу лошо, не само за пациентите, туку и за малтешките медицински сестри, кои повторно ќе мора да се соочуваат со недостиг на персонал и да имаат потешкотии при користењето на годишен одмор“.

Патриша Греам, која ја претставува Алијансата ТЦН, ги нарече мерките дискриминаторски. „Многумина едноставно нема да можат да ги поднесат овие трошоци, кога и доколку тие стапат на сила на 1 јануари.“