Изборот за нов генерален секретар на ОН и натаму заглавен

Дипломатката од Костарика останува фаворит, но треба да ја добие поддршката од уште две постојани членки на Советот за безбедност


Ребека Гринспан

 

Се верува дека Обединетото Кралство и Франција практично ставиле вето на контроверзната дипломатка од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) при гласањето за следниот генерален секретар на ОН, наводно поради поврзаноста на ОАЕ со злосторствата извршени во Судан.

Потрагата по нов прв човек на светската организација во петокот остана во ќор-сокак, откако деветтото неофицијално гласање во Советот за безбедност на ОН повторно не резултираше со избор на кандидат.

Дипломатката од Костарика, Ребека Гринспан, и понатаму е во водство. На гласањето во петокот таа доби доволно гласови (10) за да ја освои функцијата, но за победа е потребно и ниту една од петте постојани членки на Советот за безбедност – САД, Обединетото Кралство, Франција, Русија и Кина – да не гласа против неа; таа, сепак, доби два гласа „против“ од овие земји.

Со траење од над 100 дена, процесот на избор за наследник на актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш е веќе најдолгиот во историјата на ОН. Неговиот втор мандат завршува на 31 декември. Ново гласање е закажано за следната недела.

Доколку успее да ја добие поддршката од двете земји-членки на Советот за безбедност што ѝ се противат – за кои се верува дека се САД и Русија – Гринспан би станала првата жена на чело на ОН.

Втор на листата беше Аргентинецот Рафаел Гроси, кој доби осум гласа за „охрабрување“, но и три гласа за „обесхрабрување“ од страна на петте постојани членки.

Дипломатката од ОАЕ, Лана Нусеибех, која се вклучи во трката во подоцнежна фаза, доби седум гласа „за“, но и три гласа „против“ од постојаните членки, што претставува пречка која можеби е невозможно да се надмине. Имајќи предвид дека таа ужива јавна поддршка од САД и Русија, според повеќе извори, се чини дека Велика Британија, Франција и Кина всушност ставиле вето на нејзината кандидатура.

Нејзината кандидатура наиде на широки критики поради постојаните врски на ОАЕ со бруталниот конфликт во Судан. Речиси 70 пратеници му пишаа на британскиот министер за надворешни работи, Ед Милибанд, тврдејќи дека Нусеибе не е „кредибилен кандидат“ бидејќи „повеќепати ги негирала и отфрлала“ извештаите на експертската комисија на ОН, во кои Обединетите Арапски Емирати се поврзуваат со злосторства во Судан.

Противењето на Кина кон кандидатурата на Нусеибе се заснова на нејзината посветеност на една непишана конвенција, според која позицијата генерален секретар подлежи на географска ротација. Иако принципот на ротација и претходно бил занемаруван, сега е „ред“ на Латинска Америка или Карибите да ја преземат оваа функција.

Процесот на избор на првиот дипломат во светот е нетранспарентен, под контрола на Советот за безбедност, во кој доминираат петте постојани членки кои имаат право на вето. За кандидатите се потребни девет гласови за „поддршка“ од 15-те земји во Советот: петте постојани членки (П5) и 10-те избрани членки (E10). Сепак, постојаните членки (П5) имаат право на вето, бидејќи победничкиот кандидат мора да ја добие поддршката од сите пет постојани членки.

Избраните членки гласаат со бели ливчиња, а постојаните членки со црвени. Гласањето никогаш не се објавува јавно, но резултатите се шират преку неофицијални канали.

Гринспан се повика на своето еврејско потекло за да ја истакне важноста од ставање крај на конфликтите; нејзината агенција, УНКТАД, детално ја има документирано економската штета предизвикана од долготрајната окупација на палестинските територии од страна на Израел. Доколку биде избрана, таа би станала првиот генерален секретар на ОН со еврејско потекло.

Таа пред Генералното собрание на ОН изјави: „Мирот им овозможи на моите родители, двајца бегалци од Втората светска војна (од Полска), да најдат почит и достоинство во една мала земја – Костарика. Јас сум ќерка на тој мир, доказ за она што мирот го прави возможно“.