Самитот за климатски промени во Анталија заврши без договор


Без заеднички договор заврши климатскиот самит COP31 во Анталија, откако претставниците на речиси 200 земји не успеаја да ги надминат несогласувањата околу употребата на фосилните горива и финансирањето на борбата против климатските промени.

Како што пренесе Би-би-си, повеќе земји-учеснички на Самитот, како и Европската унија ја отфрлија нацрт-финалната декларација за климатските промени COP31. Повикувајќи се на изјава на ирскиот министер за клима, Дара О’Брајан, се наведува дека главна причина е што во документот не се експлицитно споменати фосилните горива.

„Неприфатливо е да има документ за климатските промени во кој воопшто не се спомнуваат фосилните горива, ниту пак се споменува транзицијата од нив“, порача О’Брајан.

Претседателот на конференцијата, турскиот министер за животна средина Мурат Курум, потврди дека земјите не постигнале согласност и дека предложените одлуки не биле усвоени. Тој рече дека претседателството ги сослушало различните идеи и се обидело да понуди решенија, но дека мора да ја прифати волјата на земјите учеснички, пренесе Би-би-си.

„Имаше одредени отстапки од наша страна. Мора да ја прифатиме волјата на страните. Никого не принудувавме да го прифати предлогот“, рече Курум.

Како што пренесуваат дел од медиумите, преговорите продолжиле повеќе од 44 часа по официјалниот рок за завршување на конференцијата, но последниот предлог-документ на турското претседателство наишол на сериозни забелешки и не добил согласност.

Главната пречка, како што се наведува, е тоа што во предложениот документ немало експлицитно споменување на фосилните горива, ниту обврска за постепено напуштање на јагленот, нафтата и природниот гас. Европската Унија, Панама, Велика Британија, Норвешка, Данска и други земји се спротивставија на предложениот текст.

Несогласувањата, според написите во медиумите, се продлабочиле и околу можноста за користење технологии за зафаќање и складирање на јаглеродниот диоксид, како и околу тоа дали зголемувањето на производството на електрична енергија треба да се потпира исклучиво на обновливи извори или и на фосилни горива.