Врвен дипломат ќе биде главен советник на Олаф Шолц за Западен Балкан
Заедно со изборот на Олаф Шолц за германски канцелар и трипартитната владина коалиција денеска беа именувани и двајцата клучни советници на Шолц кои треба да учествуваат во обликувањето на идната политика. Она што што е важно за Македонија и за целиот регион на Западен Балкан е што на едно од двете клучни места во кабинетот на Шолц – советник за надворешна и безбедносна политика доаѓа дипломат со исклучителна кариера. Тоа е Јенс Плотнер, кој досега беше политички директор во Министерството за надворешни работи (именуван во 2019 година) во чие портфолио беа врвните надворешно-политички прашања, открива „Политико“ од функционер близок до Шолц.
Во портфолиото на досегашната работа на Плотнер беа дипломатските односи со САД, Русија, а посебно се нагласува Западен Балкан, а од безбедбносните прашања односите со НАТО и ОБСЕ.
Плотнер беше во Министерството за надворешни работи од 1994 година, бил амбасадор во Грција, Тунис и Шри Ланка. Бил и портпарол на министерството, а од 2014 до 2017 година е шеф на кабинетот на министерот Франк-Валтер Штајнмаер, кој сега е германски претседател.
Другото клучно место во потесниот кабинет на Шолц – советник за економија и ЕУ – му е доделено на Јерг Кукиес, поранешен банкар од Голдман и Сакс, а досега советник за финансиските пазари и ЕУ додека Олаф Шолц ја извршуваше функцијата министер за финансии.