Веројатно еден ден ќе станеме дел од ЕУ: Мицкоски на самитот „Конкордија“ во Њујорк
Нема подобра опција од членството во ЕУ, па подготвени сме да одиме напред и да најдеме излез одблокираната ситуација, изјави премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот во Њујорк изјави дека веројатно еден ден ќе станеме дел од Европската унија и со тоа ќе заврши патувањето на Македонија кон оваа цел кое трае веќе 35 години. Тој учествуваше на панел дискусијата на самитот „Конкордија“, кој се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации. На панелот учествуваше вицепремиерката на Грузија, Мака Ботчоришвили, чија влада донесе одлука да ги замрзне преговорите со ЕУ.
Мицкоски нагласи дека фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна и го спомена она што постојано го повторува – дека го променивме знамето, Уставот, името… и дека сега тоа изгледа како приказна без крај.
„Ние го почнавме нашето патување пред речиси две и пол децении. И, за жал, поради некои вештачки причини, не успеавме да станеме дел од ЕУ. Веројатно, еден ден ќе го постигнеме овој камен темелник. Во меѓувреме, фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна бидејќи во минатото направивме премногу отстапки: го сменивме знамето, Уставот го сменивме неколкупати, дури го сменивме и уставното име и сето тоа ни изгледа како приказна без крај“, нагласи премиерот.
„Има некои земји членки што се обидуваат да решат некои билатерални прашања и не да ги променат нашите институции, туку да го променат нашиот идентитет. И ние сме жртва на еден вид малтретирање: или сте внатре или сте надвор, а ако сакате внатре, мора да го проголтате она што го бараме од вас. Но тоа е опцијата и нема подобра опција за мојата земја. И бидејќи нема подобра опција, подготвени сме да одиме напред и да најдеме излез од оваа ситуација“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Македонија сака да стане пример за САД. „Имајќи ја предвид институционалната меморија, во Обединетите нации гласаме рамо до рамо со нашите сојузници, Соединетите Американски Држави, па би сакале да бидеме – и наша амбиција е да станеме – пример за САД“, рече премиерот.
Во контекст на соработката со САД и НАТО, премиерот Мицкоски ги претстави и стратешките инфраструктурни проекти на кои работи Македонија. Тој зборуваше дека цените на бензините во Македонија биле пониски од тие во регионот и дека граѓани од соседството доаѓале да купуваат во нашата земја. Потоа за гасоводните коридори. Тој нагласи дека „економски Македонија е во добра форма“ и зборуваше за податоците од вториот квартал и потенцираше дека животот во државата се подобрил откако е на власт неговата влада.