Врховниот суд го одби Груевски, мора да оди во затвор
Поранешниот премиер и бегалец во Будимпешта правосилно беше осуден на девет години затвор во случајот „Плацеви на Водно“
Барањето до Врховниот суд што се претвори во своевидна политичка пресметка, па дури и драма, заврши – Никола Груевски е одбиен и останува да важи неговата казна од девет години затвор за случајот „Плацеви на Водно“.
Врховниот суд соопшти дека го одбил како неосновано неговото барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда. Со тоа, барем во моментов завршија сите приказни за неговото можно враќање во Македонија, кое според шпекулациите и партиските обвинувања било оркестрирано од некои влијателни кругови.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска на седницата одржана на 20.12.2023 година одлучуваше по поднесено Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот КВП-КОК2-бр.16/23 познат во јавноста како ‘Плацеви на Водно’.
Советот за казниви дела при Врховниот суд донесе пресуда со која барањето на осудениот Н.Г. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.63/21 од 21.04.2022 година и пресудата на Апелацискиот суд Скопје КОКЖ бр.127/22 од 14.02.2023 година, го одби како неосновано“, се наведува во соопштението од Врховен суд.
Груевски за „Плацеви на Водно“ првостепено беше осуден на седум години затвор, а Апелацискиот суд годинава ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор.
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми неодамна во интервју за „СДК“ изјави дека врз судот биле вршени политички притисоци без да наведе за што станувало збор. Албанската опозиција обвинуваше дека, наводно, одредени структури од ДУИ вршеле притисок во Врховниот суд околу казната на Груевски за да се отвори вратата за негово можно враќање во земјава.
Оваа одлука значи дека сите правни лекови за бегалецот од Будимпешта се исцрпени и доколку тој се врати во Македонија треба веднаш да биде испратен на отслужување на казната затвор.
Никола Груевски пред пет години, во 2018 година, побегна во Унгарија по објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“ и таму доби азил. Македонските власти по него имаат распишано меѓународна потерница.