Времето е живот: Кедев и Цветанова се искачија на швајцарскиот врв Монк


Швајцарија- Поранешната министерка за култура Ганка Цветанова и реномираниот кардиолог Сашко Кедев го искачија швајцарскиот врв Монк (4.107мнм). Цветанова на Инстаграм објави заедничка фотографија од врвот Монк.

За кардио-хирургот Сашко Кедев кој своевремено беше и кандидат за претседател на Македонија е познато дека е вљубеник во планинарењето,а се чини таа љубов ја пренел и на неговата партнерка Цветанова.

Во јануари, годинава, тие се искачија на врвот Аконкагва, највисокиот во Аргентина, Јужна Америка, и највисок надвор од Азија со висина од 6.962 метри надморска височина.

За Кедев тоа беше втор пат како ја освојува Аконкагва. Цветанова, пак, не успеала да се искачи до крај, стигнала само до 6.000 метри надморска височина. Станува збор зе највисокиот врв во западната и јужна хемисфера.

-Времето е сѐ што имаме, бизнисмените велат дека времето е пари, но тоа е многу повеќе од пари. Времето е живот, а животот не е само тоа што го живееме туку како го живееме и по што ќе го запаметиме. На крајот некогаш треба да се навратиме и да го споделиме со најблиските. Ништо не е случајно во животот, така и оваа наша дружба, која е потврда на заедничката поврзаност, рече, меѓу другото, Кедев, во мај, годинава,  на презентацијата во преполната сала на Македонската филхармонија, насловена „На врвот на светот и потоа“ по повод 10-те години од искачувањето на највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри).

Фото: Дарко Андоновски

Кедев е третиот Македонец (по Димитар Илиевски-Мурато во 1989 година и Глигор Делев во 2007 година), кој пред 10 години, на 19 мај, се искачи на Монт Еверест.

За искачувањата на највисоките врвови на Северна Америка, Јужна Америка, Африка и на Европа, Мекинли/Денали, Аконкагва и Килиманџаро, Елбрус, Кедев рече дека му биле претходница, тест и своевидна подготовка за искачувањето на Монт Еверест.

– Мојот предизвик бев самиот јас. Сакав да видам како ќе се однесувам во ситуации на личен ризик од смртта со која во мојата професија секој ден се соочувам. „Која е вашата лична мотивација, за вас како лекар, да одите на Еверест, зошто го ризикувате животот таму“, беше прашањето од будистичкиот свештеник за мене и за другите што тргнуваат кон врвот. Според него, само тие што имаат чиста, нематеријална мотивација, успеваат да се искачат на врвот. Ако правите работи во животот без чиста заднина и мотивација, еден ден тоа ќе пропадне, природата ќе го коригира. Треба да се работи тоа што се сака, односно да се сака тоа што се работи – вели Кедев, истакнувајќи дека за него многу емотивно било соочувањето со меморијалот на Мурато на Еверест.

Кедев е единствениот Македонец што ги има искачено највисоките врвови на сите седум континенти, Мекинли/Денали во Северна Америка (6.194 м), Аконкагва, Ј. Америка (6.962), Килиманџаро, Африка (5.895), Елбрус, Европа (5.642), Винсон, Антарктик (4.892) и Панџук Џаја/Карстенс Пирамидс, Индонезија/Австралија (4.884).