„Време е да се каже вистината“ за кинеските дезинформации околу короната, објави ЕУ


Потпретседателката на Европската комисија, Вера Јоурова

Европската комисија излезе со недвосмислена порака против напорите на Кина да шири дезинформации поврзани со појавата на корона вирусот во Европа. Ова е првпат извршната власт на ЕУ јавно да ја обвини Кина за нејзината улога во ширењето лажни вести.

Соопштението за „Справување со дезинформирањето околу Ковид-19“ беше презентирана во средата (10 јуни) од потпретседателот на Комисијата, Вера Јоурова и високиот претставник Жозеп Борел, во која странски актери како Русија и Кина беа именувани и засрамени за нивната улога во пропагирањето на лажни вести поврзани со корона вирусот.

„Странските актери и одредени трети земји, особено Русија и Кина, се вклучија во насочени операции на влијание и кампањи за дезинформации околу Ковид-19 во ЕУ, нејзиното соседство и на глобално ниво, со цел да ја поткопаат демократската дебата и да ја влошат социјалната поларизација и да ги подобрат своите сопстевени слики во контекст на Ковид-19“, се наведува во соопштението.

Примери за ваквите дезинформации, вели Комисијата, вклучуваат лажни совети како што се „пиење белило или чист алкохол може да излечи корона вирус“ или теории на заговор, како тврдењето дека корона вирусот е „инфекција предизвикана од светските елити за намалување на растот на населението“.

За време на претходниот брифинг со бриселските новинари во вторникот (9 јуни), потпретседателката Јоурова ги разјасни нејзините мисли за кинеската кампања за дезинформации во Европа.

„Ние, за прв пат, решивме да ја именуваме Кина во нашиот извештај. Драго ми е што го сторивме ова затоа што ако имаме докази мора да го кажеме тоа“, рече таа. „Време е да ја кажеме вистината“.

Сепак, Комисијата не можеше да одговори на прашањето какви докази се собрани за видот на дезинформациската кампања што ја започна Кина и дали операцијата на Кина е слична на државната иницијатива каква што спроведе Русија.

Активностите на Русија во областа на пропагандата преку интернет и лажните вести веќе долго време се анализираат во Комисијата.

Одделот за стратегиски комуникации и комуникација на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) претежно ги анализира дезинформациите што произлегуваат од Русија за да се влијае во земјите членки на ЕУ.

Борел во средата навести дека може да се вложат повеќе напори за кампањи што произлегуваат од Далечниот исток, но тој не рече дали ќе биде формирана посебна група за покривање на оваа географска област.

Именувањето на Кина како пропагатор на дезинформации доаѓа по јавниот скандал во ЕЕАС, во кој гранката за надворешни работи на ЕУ ги негираше извештаите во медиумите дека ги ублажува обвиненијата против Кина по притисокот од Пекинг.

Француските политичари беа бесни кога веб-страницата на кинеската амбасада тврдеше во средината на април, во екот на пандемијата на Европа, дека негувателите во домови за стари лица ги напуштиле своите работни места, оставајќи ги штитениците да умрат. Неименуваниот кинески дипломат, исто така, лажно тврдеше дека 80 француски пратеници употребиле расистички говор против шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејасус. (Еурактив)