„Вреди“ ќе работела на решавање на проблемот со Бугарија, ДУИ бара усвојување на уставните измени


Билал Касами (Фото: Б. Грданоски)

 

Претседателот на Беса и градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами, денеска изјави дека како коалиција, и владина и како „Вреди“, ќе работат сериозно на побрзо решавање на билатералниот проблем со Бугарија, за земјата поскоро да ги отвори пристапните преговори, и да го фати чекорот со Албанија. 

„Ние би сакале одлуката да беше заедно со нашата држава, но сигурно дека го поздравуваме овој чекор, ако се потврди  дека тоа е официјална одлука на институциите во Брисел. Сигурно дека како коалиција – и како владина и како коалиција ‘Вреди’ – ќе работиме сериозно билатералниот проблем со нашиот источен сосед што побрзо да се разреши и побрзо и Македонија да ги отвори пристапните преговори, односно поглавјата и да го фатиме чекорот со Албанија. И заедно со двете други земји кои веќе работат на поглавјата да бидеме првите земји до 2030-та кои ќе бидат рамноправни членки на ЕУ“, рече Касами на новинарско прашање пред форумот за Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите.

Со партиско соопштение се огласи ДУИ и побара што е можно поскоро да се усвојат уставните измени. „Дојде времето да се исполнат дадените ветувања на нашите граѓани, кои континуирано ја поддржуваат евро-атлантската патека на нашата земја. Последните настани, вклучително и претстојното отворање на преговорите на ЕУ со Албанија, јасно покажуваат дека просторот за одлучни чекори брзо се затвора.

Истекувањето на рокот за уставните измени е критичен момент. Повеќе нема простор за одложувања, изговори или манипулации кои би го одбегнувале неизбежното. Уставните измени не се само правна обврска; тие претставуваат морална и стратешка императивност која обезбедува нашата држава да остане на патот кон европската интеграција.

Времето за колебање помина. Ги повикуваме сите политички актери, да постапат одговорно, зрело и решително во интерес на граѓаните и државата. Ова подразбира исполнување на обврските од преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени, што ќе го отвори патот за следните чекори во нашето членство во ЕУ. Ги повикуваме сите страни да ги стават интересите на Северна Македонија и нејзините граѓани на прво место и да дејствуваат во согласност со европските аспирации кои нè обединуваат сите“, велат од ДУИ.