Врачена наградата „Роман на годината“ на Симона Јованоска (фото)

Наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, синоќа, во кафе-барот „Филхармонија, во присуство на бројни гости од културната фела ѝ беше доделена на Симона Јованоска за романот „Денот на црвот“ .

Романот „Денот на црвот“ е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да ги нијансира значењата на текстот, стои, меѓу другото, во образложението на жири-комисијата, во состав Владимир Јанковски, Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева.
За наградата „Роман на годината“ во најтесниот круг за 2021 година од 39 романи, влегоа четири романи и тоа Денот на црвот“ од Симона Јованоска (Или-или), „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски (Или-или), „Деса“ од Ивана Трајаноска (Арс Либрис) и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ (Паблишер).

Наградата годинава се доделува по 23-ти пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари, чиј Генерален покровител, веќе петта година по ред е „Комерцијална банка“ АД Скопје. Во последните неколку години наградата е финансиски поддржана и од Министерството за култура.
Лауреатката Симона Јованоска посочи дека е среќна и возбудена што е добитник на оваа награда, но како што рече, романот никогаш не е напишан за оваа цел, туку како што посочи, е пишуван во еден исклучително специфичен период. Наградата и донела нови искуства и пријателства, рече синоќа Јованоска. Напомена дека наградата ќе и претставува дополнителна мотивација за во иднина.
Симона Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, во издание на „Или-или“. Во 2021 го издава својот прв роман, „Денот на црвот“.

Извршниот директор на Фондацијата „Славко Јаневски“, Ѕвездан Георгиевски синоќа истакна оти е горд на фактот што наградата се доделува 23 години во континуитет, и со тоа и е дадено соодветно место во македонската литература, но и соодветно значење.
-Тоа е ентузијастички голема награда уште во времето кога ја доделуваше Утрински весник, а уште поентузијастички е од кога ја презеде Фондацијата „Славко Јаневски“. На тоа сме особено горди. Тоа немаше да успееме да го направиме без да се препознае наградата во пошироката јавност, додаде Георгиевски.

Директорот на самостојната дирекција за маркетинг на Комерцијална банка, Андреј Јовковски напомена дека Комерцијалната банка е горда што е покровител на ова значајно признание, бидејќи нивната поддршка значи наградување на најквалитетните литературни дела, но и поддршка на домашната продукција и на младите автори.