Вработени во подрачна единица на АХВ привремено се селат од зградата на МТВ

Вработени во подрачната единица Скопје на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од денеска привремено се иселени од зградата на Македонската радио телевизија (МРТВ) каде до скоро имаше проблем со снабдувањето со вода во горните спратови, потврдуваат во АХВ.
„Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува граѓаните и компаниите дека инспекциската служба и архивата на АХВ, Подрачна единица Скопје, од просториите во Македонска телевизија (бул. „Гоце Делчев“ бб., Скопје) од понеденик, 21 јули, привремено ќе бидат преселени во просториите на АХВ во централата на адреса „3 Македонска бригада“ бр. 20, односно во зградата на Тутунска банка, поранешна Македонија табак“, информираа во АХВ.
Како што велат оттаму, ваквата одлука следува откако се одолговлечил проблемот со недостиг на вода, поради што вработените немаат услови за нормално да функционираат во зградата на МТВ.
Во врска со ова, Мета.мк се обрати во Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), од каде што тврдат дека проблемот со недостиг на вода е надминат. Директорот Ивица Томовски, вели дека проблемот е решен и дека моментално во зградата има вода.
Во зградата на Македонската радио телевизија, во која се сместени неколку државни агенции, комисии, инспекциски служби, органи при министерства, околу три недели немаше вода. Додека се ширеше реа низ ходниците од валканите клозети во зградата, одговорните си ја префрлаа одговорноста за проблемот.
Од Владата, односно од СОЗР, која управува со зградата велеа дека јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје не обезбедува доволен притисок во доводот на вода, а од претпријатието пак, со кое стопанисува град Скопје, велат дека за да има вода на горните спратови треба да се пуштат хидрофорните пумпи во зградата. Директорот Томовски за Мета.мк минатата недела кажа дека со недели не успева да се разбере со надлежните во Водовод.
Во претпријатието, рекоа дека за да има вода на горните спратови во зградата на МТВ треба да се вклучат хидрофорните пумпи.
„Поради зголемено и неконтролирано трошење на вода во овој период од годината градскиот водоводен систем функционира со намален притисок со повремени прекини на вода. За конкретниов случај, екипите на ЈП Водовод и канализација-Скопје излегоа на терен и за зградата на Македонска телевизија констатираа дека во зградата има хидрофорни пумпи кои се после трет спрат на зградата и затоа е потребно самите корисници да преземат активности за зголемување на нивниот капацитет. Внатрешната инсталација на зградата не е во надлежност на ЈП Водовод и канализација и ако е потребно зголемување на притисокот на водата можното решение веќе е објаснето“, рекоа минатата недела од претпријатието.