Возбудлива вечер со Џон Малкович во Охрид: Актер, два сопрана и Оркестар на Виенската Академија

Ироничен хумор и пекол, придружен со оркестар и силни сопрани, се случуваа синоќа на Антички пред две илјадната публика


Џон Малкович (69), најексклузивниот гостин на „Охридско лето“, синоќа, на единственото гостување во Македонија, го доживеавме романтично, на ветровита ноќ, под ѕвездено небо и месечина – тој, два совршени вокално и сценски сопрана Чен Реис и Сузан Лагбејн, со страстниот диригент на Оркестарот на Виенската Академија, маестро Мартин Хазелбок.

Охрид синоќа два часа беше и Виена и Прага и Лос Анџелес, и цел театарски универзум на совршени глума и врвна изведба на класична музика со впечатливи арии од Вивалди, Хајдн, Глук, Моцарт и Бетовен. 

Две илјадната публика од целиот регион на Античкиот театар во Охрид уживаше во брилијантна ексцентричност на славниот актер, продуцент и режисер, но и целосната чистина на неговиот настап во „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец” “, која е возбудливо дело на театарот, напишана и режирана од Михаел Штурмингер, според вистински настан. 

Малкович изгледа како од филмовите- со вита става, во топ форма, со совршен германски акцент за улогата на серискиот убиец Џек, а режисерот Штурмингер, својата драматушка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивставености – комедијата и психолошката драма.

Од една страна серискиот убиец со лесна духовитист и луцидност ги нижи настаните од својот живот, а публиката ја лови во мрежа од ироничен хумор, и додека публиката мисли дека е заловена во комична атмосфера, на сцената почнува вистински пекол, придружен со оркестар и силни сопрани. Тука серискиот убиец Џек Унтервегер започнува да ги вади демоните од себе…

Малкович, кој својата уметничка кариера токму и ја започна во театарот, на пресот во негова чест, еден ден пред претставата, појасни дека првпат ја одиграл на сцена пред 15 години, но оти истата е видоизменета, пред се поради органиченоста на уметничките перформанси наметната од коронавирусот.

– Делото минатата година го освеживме, лично за мене се работи за претстава што многу сакам да ја играм, особено поради тоа што ги обединува класичната музика и актерската игра. Иновативниот пристап е она што ги привлекува луѓето, рече тој.

За насилството како тема третирана во самата претстава, актерот смета дека постојано е актуелна затоа што, како што рече, насилството е секогаш меѓу луѓето, за жал така и ќе биде…

– Во својата основа ова дело поврзува две дијаметрално спротивставени погледи. Едниот е општествениот став заснован главно врз идејата за покајување, а од другата страна идејата за заштита на луѓето, особено на оној дел од популацијата што е ранлив на каква било форма на насилство. Двете тие идеи презентирани во претставата се во постојан конфликт, рече актерот.

За претставата рече дека е своевидно предупредување, дека одредени одлуки можат да донесат непредвидливи последици.

– Одлуката за помилување може да биде политичка грешка. Од друга страна, сметам дека на секој човек треба да му се даде шанса за покајување. А помилувањето и покајувањето како концепти се постојано спротивставени. Во овој случај лошо проценетите одлуки резултираат со насилство…вели тој.  

Директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, синоќа, истакна дека фестивалот е предизвик, секоја следна година да биде поголемо и позначајно, да се надополнува и надградува со нови креативни соѕвездија кои го обележуваат неговото место како најпрестижна уметничка сцена, но и како препознатлив уметнички симбол насекаде во светот.

–  Изразувам благодарност до Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за култура за оваа исклучителна можност да уживаме во проект со светски познатиот Џон Малкович кој ќе остане запишан во фестивалската историја меѓу најславните уметници. „Охридско лето“ преку извонредното сценско доживување вечерва ќе понуди уникатност, совршенство и магичен амбиент, рече Поповиќ.

Американската вечер на „Охридско лето“ се одржува со поддршка од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.

Заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер, рече дека Американската амбасада има долга историја на соработка со „Охридско лето“, но и со многу други организации во Македонија со цел  да ги засили врските преку програми кои ги поддржуваат македонското граѓанско општество и културните и образовни институции.

-Низ годините наназад, на сцените на „Охридско лето“ сме  ги прикажале најголемите културни богатства, вклучувајќи ги  госпел и џез музиката, преку настапите на џез легендите како Артуро Сандовал, класичниот виолинист и виртуоз Шломо Минц, и многу други.Тие можеби донеле американска музика во Охрид, но излегле со балкански песни во своите срца, кажа заменик-амбасадорот на САД, Мејер.