Европската филмска академија ја награди палестинската режисерка Хијам Абас за исклучителен творечки опус
Атина – Европската филмска академија соопшти дека наградата „Европско достигнување во светската кинематографија“ ѝ се доделува на актерката и режисерка Хијам Абас од Палестина, како признание за нејзиниот исклучителен творечки опус и уникатниот придонес во филмската уметност. Наградата ќе ѝ биде врачена на 16 јануари 2027 година во Атина, Грција, во рамки на 39. доделување на „Европските филмски награди“.
Актерката за првпат била номинирана во 2005 година, за награда од публика, за улогата во филмот „Сириската невеста“ (The Syrian Bride), а во 2008 година за најдобра европска актерка за филмот „Лимоново дрво“ (Lemon Tree). Меѓу номинираните е и документарниот филм „Збогум, Тиберијадо“, 2024 година (Bye Bye Tiberias), во режија на нејзината ќерка Лина Сулем.
Хијам Абас е родена на 30 ноември 1960 година во Назарет. Својата актерска кариера ја започнала во Палестинскиот национален театар „Ел-Хакавати“ во Источен Ерусалим. За време на една театарска турнеја низ Европа одлучува да замине во Лондон, а од крајот на 1980-тите години живее во Париз.
Во тек на својата кариера, актерката се појавува во повеќе од сто филмови, меѓу кои „Рајот сега“ („Paradise Now“), „Посетителот“ (The Visitor), „Границите на контролата“ (The Limits of Control), „Мирал“, „Ловец на андроиди“ 2049“ како и во „Газа, љубов моја“ (Gaza mon amour), во режија на браќата Араб и Тарзан Насер. Нејзини понови филмски остварувања се „Палестина 36“ („Palestine 36“) на Анмари Џасир и „Искупување“ („Atonement“ на Рид Ван Дајк.
Покрај актерската кариера, Абас се појавува и како режисерка на филмот „Наследство“ (Inheritance) прикажан на филмските фестивали во Хихон и Сао Паоло, како и во рамки на програмата „Денови на авторите“ во Венеција, 2012 година.