Воведувањето на „Бард“ се претвори во катастрофа за „Гугл“ од 140 милијарди долари


 

Пред два дена, „Гугл“ го претстави новиот четбот наречен „Бард“, како конкурент на АИ системот „Чет Џи-Пи-Ти“ (ChatGPT). Извршниот директор на „Гугл“ и на матичната компанија „Алфабет“, Сундар Пичаи, тогаш рече дека „Бард“ е достапен само за некои поединци кои го тестираат и дека ќе биде понуден на јавноста во наредните недели.

„’Бард’ се обидува да го комбинира знаењето со интелигенцијата и креативноста на нашите големи јазични модели. Се потпира на информации од веб за да обезбеди висококвалитетни одговори“, рече Пичаи пред два дена.

Ројтерс пишува дека воведувањето на „Бард“ вчера се претвори во катастрофа за „Гугл“ од 140 милијарди долари, откако четботот со вештачка интелигенција исфрли неточни информации во рекламирањето на компанијата.

Акциите на „Алфабет“ паднаа за 7,4 отсто и изгубија пазарна вредност од 140 милијарди долари, бидејќи корисниците на социјалните мрежи реагираа на грешката на „Бард“.

Претходно оваа недела, „Гугл“ сподели видео со детали за потенцијалните употреби на „Бард“ објаснувајќи како ќе одговори на барањата на корисниците. „Бард“ е опишан како „експериментална услуга за разговорна вештачка интелигенција која може да помогне во поедноставувањето на сложените теми“.

Примерот вклучен во видеото покажува корисник кој го прашува „Бард“: „За кои нови откритија од вселенскиот телескоп Џејмс Веб можам да му раскажам на моето 9-годишно дете?“ Четботот одговори со тврдење дека телескопот Џејмс Веб бил користен за снимање на првите снимки на планети надвор од Сончевиот систем на Земјата.

Корисниците на Твитер истакнаа дека одговорот е неточен, имајќи предвид дека првите снимки од таканаречените „егзопланети“ всушност биле направени во 2004 година од страна на многу големиот телескоп на Европската јужна опсерваторија.

„Можеби ќе сакате да го усовршите вашиот модел (или да користите друг пример)“, твитна еден корисник како одговор на објавата.

Грешката на „Бард“ излезе на виделина само неколку часа пред „Гугл“ да го одржи настанот за претставување на „Бард“ во Париз. На презентацијата, главниот извршен директор на „Гугл“, Прабакар Рагаван, вети дека четботот ќе им овозможи на корисниците да пребаруваат информации на сосема нови начини.

„Ова ја нагласува важноста на ригорозниот процес на тестирање, нешто што го започнуваме оваа недела со нашата програма за доверлив тестер. Ќе ги комбинираме надворешните повратни информации со нашето внатрешно тестирање за да се увериме дека одговорите на ‘Бард’ ги исполнуваат високите стандарди за квалитет, безбедност и информации од реалниот свет“, рече портпаролот на „Гугл“.

Аналитичарите забележаа дека на презентацијата на „Бард“ имаше малку детали за тоа како „Гугл“ планира да го интегрира четботот во својот пребарувач.

„Додека ‘Гугл’ беше во првите редови на иновациите за вештачка интелигенција во изминатите неколку години, се чини дека заспа со имплементацијата на оваа технологија во сопствениот пребарувач“.

„’Гугл’ се мачи да го достигне пребарувањето во последните неколку недели, а тоа предизвика брзање со вчерашната објава и срамниот хаос од објавување на погрешен одговор за време на демо за четбот“, рече Гил Лурија, висок софтверски аналитичар во организацијата за управување со средства D.A. Дејвидсон, пренесува Ројтерс.