Вонреден самит на ЕУ за Белорусија


Белгија – Лидерите на земјите-членки на Европска Унија денеска ќе одржат вонреден онлајн самит поради политичката криза во Белорусија по претседателските избори.

Протестите во Белорусија почнаа откако Александар Лукашенко прогласи победа со освоени 80,1 отсто од гласовите. Опозицијата обвинува за изборен фалсификат, а противкандидатката Светлана Тихановскаја пребега во Литванија. Во протестите загинаа најмалку две лица, повредени се стотици, а приведени се над 6.700 демонстранти.

ЕУ веќе го почна процесот на воведување санкции за белоруските претставници, кои ги смета за одговорни за изборната измама и за насилството врз демонстрантите.

ЕУ сака да помогне во дијалогот помеѓу опозицијата и власта во Белорусија и да ја придобие Русија на своја страна.

Неименувани европски дипломати истакнаа дека протестите во Белорусија не можат да се споредат со демонстрациите во Украина, додека голем број аналитичари истакнуваат дека Москва ќе поддржи мирна промена на власта во Минск.

Според нив белоруската опозиција и демонстрантите не се антируски настроени, ниту посебно бараат или очекуваат директна помош од Западот, посебно од САД, како во времето на „Мајдан револуцијата“ во 2014 година во Украина.

Лидерите на земјите-членки на ЕУ на самитот ќе разговараат и за пружање на поддршка на Белорусија.

Литванија претходно предложи ЕУ да основа фонд за помош на жртвите од протестите, истакнувајќи оти 50 милиони евра, што се наменети за Белорусија да бидат пренаменети од државните институции на развој на цивилното општество.

Додека Полска најави почетни 13 милиони евра за стипендии за студентите од Белорусија и финансирање на независни медиуми, а исто така вети и олеснување на пристапот до пазарот на труд за Белорусите.

Лукашенко на 15 август изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ветил сеопфатна помош со цел да се обезбеди безбедноста на Белорусија.

Повеќе европски лидери вчера имаа телефонски разговори со Путин, кој тврди дека е неприфатливо мешање во внатрешните работи на Белорусија.

Претседателот на Европски совет, Шарл Мишел вчера објави на Твитер дека телефонски разговарал со Путин за ситуацијата во Белорусија.

– Само што разговарав со рускиот претседател Владимир Путин за ситуацијата во Белорусија. Единствено мирен и инклузивен дијалог може да ја реши кризата во Белорусија, напиша Мишел на Твитер.

Путин претходно имаше телефонски разговори со германската канцеларка Ангела Меркел и со претседателот на Франција, Емануел Макрон.

Рускиот претседател вчера разговараше и со Лукашенко, што е трет телефонски разговор Путин – Лукашенко за девет дена односно по претседателските избори во Белорусија.