Волво излегува на берза, планира да прибере 2,9 милијарди долари


Volvo Cars, сопственост на кинеската мултинационална автомобилска компанија Zhejiang Geely Holding соопшти во понеделникот дека ќе почне со Првично јавно понудување на нејзините акции на берзата Насдак Стокхолм. Волво има за цел преку ИПО (иницијалната јавна понуда) да собере околу 25 милијарди шведски круни или околу 2,87 милијарди долар, што би била едно од најголемите излегувања на берза во Европа оваа година.

Компанијата очекува ова да ѝ помогне целосно да го трансформира производството кон електрични возила.

Понудата се состои од нови акции на Volvo Cars и потенцијална делумна продажба на акции од неговиот главен акционер. Покрај тоа, тековните шведски институционални акционери на Volvo Cars, AMF и Folksam имаат намера да останат како акционери по завршувањето на ИПО, соопшти шведската автомобилска фирма.

„За поддршка на трансформацијата на компанијата и нејзиниот континуиран раст, Одборот на директори на Volvo Cars и нејзиниот главен акционер, Geely Sweden Holdings AB (Geely Sweden) се согласија да аплицираат за котација на акциите на компанијата на Насдак Стокхолм и со тоа да добијат пристап до Шведските и меѓународните пазари на капитал и да ја диверзифицираат сопственичката основа на Volvo Cars “, додаваат од компанијата.
Geely Sweden- подружница во целосна сопственост на Zhejiang Geely Holding Co Ltd. која ја купи Volvo Cars во 2010 година- има намера да остане најголем акционер на компанијата.

Институционалните инвеститори АМФ и Фолксам моментално поседуваат 2,2 проценти од акциите на Волво карс преку повластени акции. По завршувањето на ИПО, АМФ и Фолксам имаат намера да останат како акционери во Волво карс преку котирани акции, ссе вели во информацијата што ја објави Насдак.