Волц и Венс ги спротивставија политиките на потпретседателската дебата


Демократот Тим Волц и републиканецот Џеј-Ди Венс се спротивставија околу кризата на Блискиот Исток, имиграцијата, даноците, абортусот, климатските промени и економијата на потпретседателската дебата на која имаше повеќе политички несогласувања, а помалку лични напади.

Венс праша зошто Харис не направила повеќе за решавање на инфлацијата, имиграцијата и економијата додека служела во администрацијата на претседателот Џо Бајден, поставувајќи конзистентна линија на напад, што Трамп честопати не успеа да ја спроведе додека дебатираше со Харис минатиот месец.

„Ако Камала Харис има толку одлични планови за тоа како да се справи со проблемите на средната класа, тогаш таа треба да ги направи сега – не кога бара унапредување, туку на работата што ѝ ја даде американскиот народ пред три и половина години“, рече Венс.

Волц го опиша Трамп како нестабилен лидер кој им давал приоритет на милијардерите и ги сврти критиките на Венс по прашањето за имиграцијата, напаѓајќи го Трамп за притисок врз републиканците во Конгресот да се откажат од двопартискиот нацрт-закон за безбедност на границата на почетокот од оваа година.

„Повеќето од нас сакаат да го решат ова“, рече Волц за имиграцијата.

„Доналд Трамп имаше четири години да го направи ова и тој ви вети, Американци, колку лесно ќе биде“.

Дебатата во Центарот за емитување на Си-Би-Ес во Њујорк започна со ескалацијата на кризата на Блискиот Исток, откако Израел продолжи со нападот врз јужен Либан денес, а Иран изврши одмазднички ракетни напади против Израел.

Волц рече дека Трамп е премногу „променлив“, додека Венс тврди дека Трамп го направил светот побезбеден за време на неговиот мандат.

На прашањето дали ќе поддржи превентивен напад врз Иран од страна на Израел, Венс посочи дека тоа е одлука на Израел, додека Валц не одговори директно на прашањето.

Волц (60), либерален гувернер на Минесота и поранешен учител во средно училиште, и Венс (40), најпродаваниот автор и конзервативен американски сенатор од Охајо, се претставија себеси како двајца со длабоко спротивставени ставови за прашањата важни за дражавата.

Трамп, гледајќи на телевизија, објавуваше за време на дебатата, понекогаш двапати во минута, на неговата страница Truth Social.

Секој од ривалите се обиде да зададе траен удар на последната преостаната дебата пред претседателските избори на 5 ноември.

Политичките аналитичари велат дека потпретседателските дебати можат да бидат жестоки, но генерално не го менуваат исходот на изборите.

Дури и мало поместување во јавното мислење може да се покаже одлучувачко пет недели пред денот на изборите.

Волц беше прашан за извештајот оваа недела дека тој не бил во Кина за време на насилната акција на плоштадот Тјенанмен во 1989 година, како што претходно тврдеше.

„Дојдов таму тоа лето и погрешно се изразив. Така бев во Хонгконг и Кина за време на протестите за демократија, и од тоа научив многу за тоа што значи да се биде во управувањето“.

Во меѓувреме, Венс го бранеше Трамп и покрај тоа што го критикуваше пред изборите во 2016 година.

„Погрешив за Доналд Трамп“, рече тој.

„Јас згрешив, пред сè, затоа што верував во некои од медиумските стории кои се покажаа како нечесни измислици на неговото досие. Но, што е најважно, Доналд Трамп испорача за американскиот народ“.

Волц, исто така, го критикуваше Трамп за неговата улога во назначувањето на тројца судии од Врховниот суд на САД, кои се приклучија на одлуката на судот за елиминирање на речиси половина век националното право на абортус, прашање што се покажа како штетно за републиканците.

„Тој се фали колку било одлично што ги ставил судиите и ја отфрли „Роу против Вејд“, одлуката на Врховниот суд од 1972 година со која се штити правото на абортус.

Венс, познат по својот длабоко конзервативен став за абортусот даде поумерен тон, велејќи дека не ја поддржува националната забрана и покрај тоа што претходно го направил тоа.

Тој рече дека ставот на Трамп е оти сојузните држави треба да одлучат дали да го ограничат абортусот.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека ќе стави вето на националната забрана, неколку недели откако одби да каже дали ќе стави вето за време на претседателската дебата.

И покрај тоа што Венс напиша популарни мемоари од 2016 година, гласачите во САД имаат негативен став за него, покажува анкетата на Ројтерс/Ипсос, при што 51 отсто од регистрираните гласачи изјавиле дека го гледаат неповолно, во споредба со 39 отсто кои го гледаат позитивно.

Во меѓувреме, 44% од регистрираните гласачи гледаат позитивно на Волц, а 43% пријавиле неповолен став во анкетата од 20 до 23 септември.

Харис се сметаше за победничка во нејзината единствена дебата со Трамп на 10 септември во Филаделфија, која ја гледаа околу 67 милиони луѓе.

Дебатата направи малку за да ја промени траекторијата на исклучително тесната изборна битка.

Додека Харис напредува во националните анкети, повеќето истражувања покажуваат дека гласачите остануваат прилично рамномерно поделени во седумте сојузни држави кои ќе ги одлучат ноемвриските избори.