Франција во шок по насилните протести. Политичарите се обвинуваат меѓусебно
Уништени или ограбени се 1.500 продавници, јагленисани стотици автомобили, владини згради се изгорени. Каква беше улогата на крајната левица во протестите?
Франција во неделата беше во состојба на шок, додека граѓаните се движеа по улици полни со искршени излози, јагленисани автомобили и изгорени владини згради, откако најголемите демонстрации во земјата во последните неколку години прераснаа во немири и грабежи.
Немирите во саботата – кои доведоа до околу 2.000 апсења – предизвикаа големи штети на неколку државни симболи, вклучително и на градското собрание од 19. век во Лимож, град во централна Франција познат по својот порцелан, коe беше речиси целосно уништенo во ноќен напад со подметнување пожар. Повеќе од 600 полицајци се повредени, изјави во неделата на социјалните мрежи францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез.
Учесниците во немирите нападнаа градски собранија, од Лил во северна Франција до Марсеј на југ, каде што упаднаа во седиштето на локалната власт и ја соборија бистата на Маријана, симболот на Француската Република. Во Лион, во пожар беше уништена туристичка канцеларија, а низ целата земја беа оштетени или ограбени 1.500 продавници, според Александар Бомпар, шеф на Француската федерација за трговија и дистрибуција. Тој процени дека трошоците за санација би можеле да достигнат стотици милиони долари.
„Никогаш претходно немам видено вакво нешто, згрозена сум“, изјави 47-годишната Софи Ванпоперинге, гледајќи ги ограбените продавници на булеварот „Мажента“ во Париз – улица на која живее веќе 22 години и која често се користи за одржување демонстрации.
Повеќе од половина милион демонстранти излегоа на улиците во неделата, протестирајќи, меѓу другото, против порастот на трошоците за живот и лошите услови во училиштата. Многумина во неделата беа вчудоневидени од фактот што учесниците во немирите ги искористиле овие демонстрации како параван за вандализам.
Естел Грандидие, која работи во непрофитен сектор и учествуваше на маршот во Париз, изјави дека е „шокирана“ од глетката, која ја потсетила на сцени што ги имала видено во кризни зони во странство.
Сепак, г-ѓа Грандидие изјави дека треба да се направи јасна разлика помеѓу изгредниците и демонстрантите, кои излегле „на улиците за да ги изнесат своите барања на целосно мирен начин“.
Во неделата, насилството и протестите во голема мера стивнаа, со исклучок на спорадични судири во кои учествуваа мали групи изгредници во Париз, додека немирите отстапија место на политичко префрлање на вината. Владини претставници и лидери на крајната десница ја обвинија крајната левица за поттикнување на немирите, додека левичарските лидери ја обвинија владата.

Премиерот Себастиен Лекорну ја префрли вината за хаосот директно врз партијата од крајната левица, Непокорна Франција. Лидерот на таа партија, Жан-Лук Меланшон, има шанси да ги победи центристите и да влезе во вториот круг на претседателските избори следната година, на кои ќе се избира наследник на претседателот Емануел Макрон.
Лекорну ја обвини Непокорна Франција дека во текот на целата недела сеела недоверба кон полицијата меѓу студентите кои протестирале. Тој исто така изјави дека првите изгредници, кои почнале да ги напаѓаат полицијата за разбивање демонстрации и владините згради уште пред официјалниот почеток на протестите, биле припадници на „ултралевицата“.
„Зад сето ова, очигледно се води политичка битка“, рече г-дин Лекорну, додавајќи дека земјата се наоѓа во „точка од која нема враќање“.
„Исто така, време е да се заземе страна“, рече тој. „Или сте во таборот на Републиката – а со тоа и на органите на редот, на оние што ги штитат луѓето и имотот и ги спроведуваат законите – или сте на страната на изгредниците“.
Како одговор, Меланшон ја обвини владата. На социјалните мрежи тој изјави дека Лекорну е „одговорен за хаосот“ – поради „неспособност или, во најлош случај, стратегија за создавање на ’партија на редот‘, со цел луѓето да заборават на неговиот неуспех во управувањето со јавните финансии“.
Лекорну не одговори на ова обвинување, но претходно го повика Меланшон јавно да ги осуди сторителите на грабежите и насилството. Меланшон упати условена осуда на насилството, наведувајќи дека „за оние што се борат заедно со нас, нема место во грабежите и пустошењето“.
Без оглед на „одговорноста на оние што се на власт“, рече тој во саботата вечерта, левицата „мора да одбие да учествува во дејствија што немаат политичка смисла и се спротивни на нашите методи“.
Марин Ле Пен, лидерка на крајната десница која води во анкетите за претседателските избори следната година, изјави дека „легитимните социјални барања“ биле „киднапирани од крајната левица и реториката на Жан-Лук Меланшон“ и неговите соработници, кои таа ги обвини за поттикнување хаос преку „легитимирање на насилството“.
Организаторите на протестите се надеваа дека демонстрациите во саботата ќе доведат до поврзување на протестите на средношколците – кои бараат подобри услови во училиштата и ја потресуваат Франција уште од септември – со поширокото општествено движење што опфаќа поширок спектар на проблеми, вклучително и порастот на трошоците за живот.
Она што се случи во саботата, додека повеќе од половина милион луѓе протестираа низ целата земја, наликуваше на сцена со поделен екран. Студенти, земјоделци, наставници и синдикалци мирно маршираа низ еден дел од градот, додека групи провокатори облечени во црно се судираа со полицијата и предизвикуваа штета во други делови.
Потоа, како што ситуацијата ескалираше, им се придружија и опортунистички изгредници кои го искористија хаосот, изјавија владини претставници.
„Тажно е, луѓето се разгневија“, рече 50-годишната Лор Монлубу, гледајќи ги последиците во Париз, во близина на плоштадот „Република“, каде што во саботата беа ограбени десетици продавници, а автомобили беа запалени.
Сепак, таа нагласи дека гневот на оние што вршеле грабежи „не смее да се меша“ со гневот на луѓето што мирно шетале по улиците.
Во Париз, полицијата соопшти дека првично се соочила со „непријавени маршеви“ и насилни групи од 500 до 1.000 луѓе. Ситуацијата се променила доцна попладнето, се наведува во соопштението на париската полициска префектура од неделата наутро, со „масовно пристигнување на поединци чија единствена цел била кражба и грабеж, искористувајќи го нередот за да дејствуваат“.
Сорин Морару (48), сопственик на компанија за чистење, во неделата работеше на санирање на една банкарска експозитура во Париз која била нападната. Тој изјави дека вандализмот е „неприфатлив“.

Според неговите проценки, на неговиот тим од шестмина работници ќе им бидат потребни неколку дена за да ја расчистат штетата. Вандалите „треба да бидат фатени и казнети, треба да платат“, рече Морару.
„Човек може да протестира, може да го изрази своето мислење, но не смее да уништува“, додаде тој.
Иако обемот на протестите во саботата ги наведе некои синдикални лидери да ги оценат како успешни, движењето во неделата се соочи со неизвесна иднина, додека француското општество се обидуваше да се соочи со насилството и грабежите што ги придружуваа демонстрациите. Со оглед на тоа што во француските училишта започнува двонеделен распуст, се очекува движењето на средношколците да изгуби на интензитет – иако некои синдикати, меѓу кои и Ц.Г.Т. – еден од најголемите во Франција – повикаа на уште еден ден на масовни демонстрации на 5 ноември.
„Се чини дека општеството излегува од контрола“, изјави 56-годишниот Анри Паран, турист од Белгија, кој во неделата наутро ги разгледуваше искршените излози во центарот на Париз. (Њујорк тајмс)