Војската на САД пред револуционерно откритие: развиле вакцина против сите варијанти на короната

Достигнувањето на научниците од Воениот истражувачки институт Волтер Рид е резултат на речиси двегодишна работа


Во следните неколку недели, научниците од Институтот за истражување „Волтер Рид“ очекуваат да објават дека развиле вакцина која е ефикасна против коронавирусот и сите негови варијанти, вклучително и омикрон, но и против претходните вируси САРС кои убиле милиони ширум светот.

Достигнувањето на научниците е резултат на речиси двегодишна работа. Воената лабораторија ја доби првата ДНК секвенца на коронавирусот што предизвикува Ковид-19 на почетокот на 2020 година. Во раните фази на пандемијата, одделот за заразни болести на Институтот „Волтер Рид“ одлучи да се фокусира на развој на вакцина која ќе делува не само против постоечкиот вид, туку и против сите негови потенцијални варијанти, пишува Defenseone.com.

Претходно оваа година, вакцината „Spike Ferritin Nanoparticle“ (SpFN) на „Волтер Рид“ врз животни заврши со позитивни резултати. Првата фаза од испитувањата на луѓе, со која се тестираше вакцината против омикрон и други варијанти, заврши овој месец, исто така, со добри резултати кои сега се во конечна ревизија, рече раководителот за заразни болести на Институтот „Волтер Рид“, д-р Кајвон Моџарад.
За разлика од другите вакцини, SpFN користи протеин во форма на фудбалска топка со 24 различни „лица“ што им овозможува на научниците да прикачат шила од различни соеви на различните „лица“ на протеинот, пренесува Јутарњи лист.

„Многу сме возбудени што стигнавме до оваа точка на истражување“, изјави Моџарад.

Тестовите на вакцината врз луѓе траеја подолго од очекуваното, рече тој, бидејќи лабораторијата требаше да ја тестира вакцината на субјекти кои не биле вакцинирани или претходно биле заразени со Ковид.

Зголемените стапки на вакцинација и брзото ширење на варијантите на делта и омикрон го отежнаа истражувањето.

„Со омикрон нема начин да се избега од овој вирус. Нема да можете да избегнете инфекција. Затоа мислам дека наскоро или цел свет ќе се вакцинира или сите ќе се заразат“, вели Моџарад.

Следниот чекор е да се види како функционира новата вакцина кај луѓе кои претходно биле вакцинирани или претходно биле болни.

„Треба да го процениме во реалното опкружување и да се обидеме да разбереме како функционира вакцината кај многу поголем број луѓе кои веќе биле вакцинирани со нешто друго… или веќе биле болни“, рече Моџарад, додавајќи дека новата вакцина сепак ќе треба да помине испитувања од фаза 2 и фаза 3.

„Решивме да ја играме играта на долг рок, а не само да се фокусираме на оригиналниот изглед на корона вирусот. Ни беше јасно дека вирусот ќе мутира и дека ќе се појават нови варијанти“, вели Моџарад.