„Војната“ на секој против секого во Судскиот совет заврши со смена на претседателката Дамева

Многу тешки зборови меѓу членовите на Судскиот совет. Претседателката е разрешена, но мотивите за нејзината смена останаа нејасни


Весна Дамева

 

Ако писмото на американската амбасадорка Ангела Агелер е испратено секаде каде што е потребно, како што денеска изјави премиерот Димитар Ковачевски, тогаш ефектите од него во Судскиот совет се трауматични. Всушност, воинствени. Тие денеска завршија со разрешување на претседателката Весна Дамева.

Најдолговечниот член на Судскиот совет, потпретседателот Селим Адеми, кој е во ова тело од 2013 година, наведувајќи дека сериозно се нарушени меѓучовечките односи, побара од Дамева да си поднесе оставка.

Таа одби, па зад барањето на Адеми застанаа Миљазим Мустафа, Мирсад Сурои, Ханиф Зендели, Лорета Георгиева, Павлина Црвенковска и Сашко Георгиевски, точката беше ставена на дневен ред. И Весна Дамева беше разрешена. Таа дојде на функцијата во декември 2022.

Адеми, кој го презеде претседавањето за утре најави продолжување на седницата на Судскиот совет. 

Тоа беше катарзата на денешниот многу тензичен ден во Судскиот совет еден ден по обелоденувањето дека имало писмо испратено уште на 11 април, при што седницата се претвори во општа караница, па дури и „војна“ на секој против секого. А уште од почетокот на седницата висеше во воздухот можноста Весна Дамева да биде разрешена.

Поранешната претседателка на Советот, Павлина Црвенковска, ја обвини Дамева дека две недели го криела писмото на Агелер, а потпретседателот на Советот, Селим Адеми, ја обвини Дамева дека таа е главниот виновник што не се избирале нови судии во Апелацискиот суд (а поради тоа тој бавно работел) и побара да сноси одговорност.

Според Адеми, претседателката Дамева не го потпишувала анекс договорот и со тоа блокирала избор на осум судии во Апелацискиот суд. „Вие дојдовте и правите целосна блокада во Апелација и да нема избор на осум судии. Вие го кочите изборот и треба да има одговорност“, рече Адеми.

Дамева му одговори дека таа нема да потпишува штетни договори, како тој за избор на судии во Апелацискиот суд: „Кога седнав на местото претседател на Судски совет – кажав штетен договор не потпишувам. Нема законски основ да се потпише таков договор. Не е важно кој потпишувал пред мене. Тоа е тема за анализа со која ќе се занимаваат други органи. Мене ми е жал што за тие штетни договори некој ќе мора да одговара“, рече таа.

Павлина Црвенковска, која поднесе оставка од местото претседателка наведувајќи дека трпела притисоци од политката и бизнисот, без да наведе какви, ѝ забележа на Дамева и дека не го почитувала деловникот затоа што не ѝ давала збор. „Одредени членови добиваат право на збор, а јас никогаш кога кревам рака не ми се дава збор“, рече Црвенковска.

Таа потоа зборуваше за писмото на Агелер: „Вие кажавте дека не можете да ни го дадете нам бидејќи е тајно. Писмото од американската амбасадорка е само последен пример за да разговараме за нарушените меѓусебни односи. Во вашиот монолог ги заменувате тезите. Излегува дека Вие сте таа којашто се бори на законито работење на Судскиот совет, а нас останатите челнови нѐ деградирате и навредувате дека не сме за законито и совесно работење“.

Дамева на тоа одговори: „Многу сте нервозни колеги, очигледно Весна Дамева треба да се разреши, но Дамева не е проблемот“.

Таа уште рече: „Стојам зад сите заложби на меѓународната заедница дека не сме на прав пат. Без разлика дали има писмо или не. Потоа го поделив писмото во копија. Овој претседател ќе се бори да бидат разрешени нечесни судии и да бидат избрани најдобрите. Ако ова е крајот, треба да утврдите моја одговорност, па да наведете основ зошто ми го одземате мандатот, а не поради ваши желби и желби на ваши блиски луѓе“.

Во караницата се вклучи и Зоран Герасимовски велејќи: „Ова не личи на ништо“.

Во заднината на оваа караница изгледа стои една друга „војна“, како што вчера напиша порталот „Сакам да кажам“ – унапредувањето на апелацискиот судија Енвер Беџети во Врховниот суд. Веќе една недела имало поднесена иницијатива за одговорност на Беџети, за кого Судскиот совет констатираше дека девет месеци го држел во фиока клучниот предмет за незаконското прислушување, „Тврдина-Таргет“, за да застари. Но, иницијативата е блокирана за да не дојде на седница. Иницијативата за одговорност на судијата ја поднела членката на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска, надлежна за контрола на работењето на Апелацискиот суд Скопје.

Наводно, иницијативата била блокирана од неколку членови, предводени од потпретседателот Селим Адеми и Миљазим Мустафа, кои барале место иницијативата да оди веднаш на седница и да се формира тричлена комисија, како за останатите судии за кои досега се барало одговорност, и таа времено да се стопира. „Сакам да кажам“ пишува дека со иницијативата се барало да се расправа и за останатите четворица членови на кривичниот совет од Апелациониот суд кои го работеа предметот за незаконското масовно прислушување, каде главен обвинет е Сашо Мијалков. Мнозинството во Советот се согласило да се направат сите проверки, само иницијативата за Беџети да не се кочи.

Според информациите, Беџети не може да биде унапреден во Врховниот суд ако иницијативата за неговото разрешување дојде на седница на Судскиот совет. И сега најважно е да се направи мост огласот за избор на судии во Врховниот суд да се повтори, Беџети да конкурира и можеби да биде избран. А тоа не може да се случи ако има постапка за негово разрешување. (Н.В.)

(Информацијата е дополнета со веста за разрешувањето на Весна Дамева)