Водителката Јелена Спенџарска меѓу инфлуенсерите од Западен Балкан кои ќе информираат за придобивките од членството во ЕУ


Програмата „WeBalkans“ започна со второто издание на кампањата „Создадено од нас“, што се одвива од 23 до 31 октомври. Во рамките на оваа иницијатива, 12 инфлуенсери од ЕУ и Западен Балкан се тргнати на возбудливо патување низ шест земји-членки на ЕУ. По претходното издание, што го одбележа патување низ Западен Балкан, овогодинешната кампања ќе ги однесе следачите на пат низ земјите кои ѝ се придружија на ЕУ за време на последното проширување, со цел да се истакнат придобивките од членството во Унијата. Следејќи го патувањето низ призмата и приказните на инфлуенсерите, следачите ќе дознаат на кој начин, младите може да поттикнат слична преобразба на Западен Балкан, се наведува во денешното соопштение до јавноста.

Преку нивните содржини, како што се појаснува, инфлуенсерите ќе ги зголемат информираноста и ентузијазмот за интеграција во Европската Унија кај младите и жителите на Западен Балкан, поттикнати од неодамнешниот напредок во процесот на интеграција во ЕУ и иновативниот План за раст на ЕУ.

– „Можностите ги создаваме ние“ е еден од слоганите на кампањата, со што се истакнуваат придобивките од членството во ЕУ и се истражуваат мотивацијата и ентузијазмот за поттикнување слични иницијативи и реформи на Западен Балкан. Инфлуенсерите, поделени во син и жолт тим, ќе се обидат преку својата авантура да доловат како членството во ЕУ го забрзува напредокот и ги обликува современите европски наративи, се истакнува во соопштението.

Синиот тим го сочинуваат Флорета Лелав Хајдарај од Италија, Лука Бојановиќ од Црна Гора, Томислав Панчиров од Хрватска, Јелена Спенџарска од Северна Македонија, Јуш Чоп од Словенија и Агнеса Сејдиу од Косово, коишто патуваат низ Хрватска, Словенија и Италија.

Жолтиот тим го сочинуваат Тамас Мајер од Унгарија, Џорџина Рочи од Албанија, Лаура Фалкез од Австрија, Лука Алериќ од Србија, Мартин Јакубис од Словачка и Фарах Хаџиабдиќ од Босна и Херцеговина, коишто патуваат низ Унгарија, Словачка и Австрија.