Водата во Валандово повторно може да се користи


Водата од градскиот водовод на Валандово од денес е повторно во целосна употреба, согласно документот издаден од надлежната Агенција за храна и ветеринарство, со кој се укинува досегашната забрана за пиење на водата, соопшти денес на прес-конференција градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев.

Првичната информација се објави во средата преку соопштение на ЈП „Комунален сервис“ од Валандово, во кое беше наведено дека согласно добиени резултати од Институтот за јавно здравје во Скопје, во водата за пиење од градскиот водовод во Валандово е утврдено зголемено ниво на арсен, па поради тоа се препорачува да не се користи за пиење. Вчера, пак, градоначалникот Камчев, презентираше нови резултати од вондредна анализа спроведена од истиот институт, во која е наведено дека измерената концентрација на арсен е 1,47 микрограми на литар, односно влегува во дозволените граници.

„Валандово како град, и населените места Чалакли, Дедели и Раброво, беа засегнати од квалитетот и безбедноста на водата за пиење во изминатиот период. Бевме сведоци на ситуација во која многумина наседнаа на одредени приказни водени паралелно со ситуацијата во Гостивар. Можам слободно да кажам и поради тоа што бев директор на јавното комунално претпријатие пред 15 и повеќе години, дека квалитетот на водата во Валандово од она што го гледам во анализите не е променет од тогаш до денес. Бунарскиот систем којшто го користи Валандово постои од 1989 година“, посочи Камчев.

Според документите од Институтот за јавно здравје во Скопје, кои денес Камчев ги презентираше на јавноста, од ноември до сега, односно од поставување на нов в.д. директор на комуналното претпријатие по последните локални избори, направени биле двете задолжителни контроли на водата, во кои меѓу другото се проверуваат и тешките метали, а законски се пропишани да се прават два пати во годината, согласно правилникот на Агенцијата за храна и ветеринарство.

„За да нема забуна во јавноста, редовните примероци се земаат и испитуваат еднаш или двапати во неделата во зависност од ситуацијата и немаат врска со овие периодични анализи кои се задолжителни за комуналното претпријатие двапати годишно. На 26.1.2026 е направена првата ваква анализа, од кога сум јас градоначалник на Валандово, а на 2.7.2026 е направена втората“, рече Камчев.

Тој објасни дека поради покажаната повисока вредност на втората анализа, која изнесувала 14 микрограми на литар присуство на арсен во водата, на 20 јули побарал нова вондредна анализа, која бидејќи се однесувала само на проверка на металите, се изработила во побрз рок и за три дена односно на 23 јули ги добиле резултатите за нормално прсуство на арсен од 1,47 микрограми на литар.

„Не можам да дадам целосни одговори, но сметам дека во периодот кога се започнува со поголемо пумпање на водата од бушотините, веројатно тогаш одредени таложени елементи кои се сепак присутни во траги ја даваат повисоката вредност“, смета Камчев и додаде дека ја повикува јавноста да ги следи препораките и анализите од стручната јавност, а не од коментари по социјалните мрежи.

Во текот на наредниот период, најави тој, ќе се прават уште вондредни анализи на водата, за да се следи нејзиниот квалитет.