Петличковски: Да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје (Видео)

Комисијата за заразни болести препорачува забрана за прием во градинките на деца невакцинирани за голема кашлица


Фото: Б. Грданоски

 

Со оглед на последните бројки, 18 потврдени случаи со голема кашлица и имајќи предвид дека во изминатите денови овој број расте, особено на територија на град Скопје каде што се потврдени 14 случаи, се одлучивме да предложиме да препорачаме прогласување на епидемија за град Скопје, изјави денеска на прес-конференција претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски.

„Ова звучи малку страшно, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот кој доаѓа со болеста големи кашлици. Во таа насока моментално го подготвуваме, односно очекуваме да излезе подготвено упатство за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини“, рече тој.

Петличковски посочи дека е незадоволително нивото со опфатот на вакцинација на пертусис.

„Значи, тука треба да се фокусираме, да поправиме она што е промашено во изминатиот период. Затоа ќе ги повикуваме сите кои ја пропуштиле вакцинацијата предвидена со редовниот календар. Ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација“, рече тој.

Нагласи дека препорачуваат забрана за прием на деца невакцинирани за пертусис во градинки и очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација, бидејќи фокусот е на заштита на најмалите, бидејќи, рече, оваа болест може да биде и е практично тешка, најтешка болест за најмалите. 

За децата кои одат во училиште ваква мерка не може да се препорача, затоа што образованието е задолжително и сите деца треба да посетуваат настава. Но, сепак, оние кои се болни, со симптоми на настинка или грип, треба да останат дома. 

Петличковски појасни дека ова се препораки на комисијата за заштита од заразни болести, дека ќе се достават до Министерството за здравство за ЦЈЗ да ја донесе мерката, што значи дека на пример, децата кои не се вакцинирани, нема од утре да престанаат да се примаат во градинките.

Погледнете во живо:

Според надлежните, потврдените случаи кај нас, не се заразиле еден од друг. Тоа значи дека болеста циркулира меѓу граѓаните, но на тој налин може да настрадаат оние токму најмалите, кои сѐ уште не стигнале на возраст да бидат вакцинирани.

Еден од потврдените случаи е и 59-годишен маж, кој бил во приватна болница за преглед од друго заболување, а тамошните тестови покажале дека е позитивен на перусис, по што бил префрлен во Инфективната клиника во Скопје, без никакви симптоми на болеста. Поради возраста и редовната вакцинација кога тој бил дете, тој е вакциниран, но треба да се знае дека со време ослабува дејството на вкцините.

Од Комисијата велат дека семејствата на заболените ќе добијат брошура со која ќе се информираат како да се заштитат од болеста. Сепак, нема да се прави масовно тестирање на сите кои биле во контакт со забоелните.

Препораки од Комисијата за заразни болести:
 
1) Се препорачува ЦЈЗ Скопје да прогласи епидемија на голема кашлица на територија на Скопје.
 
2) Институтот за јавно здравје да изработи стручно упатсво за постапување во услови на епидемија на голема кашлица.
 
3) Се повикуваат родителите на невакцинираните децата со ДиТеПер вакцина, кои од било која причина ја пропуштиле редовната вакцинација, ВЕДНАШ да се јават во вакциналниот пункт во кој припаѓаат и да ги надополнат пропуштените дози согласно Календарот за имунизација.
 
4) Службите за вакцинација/вакциналните пунктови ќе работат со засилен интензитет во две смени и сабота во една смена, со цел овозможување побрза вакцинација на пропуштените деца како противепидемиска мерка.
 
5) Се забранува прием и престој  во детска градинка на невакцинирани или некомплетно вакцинирани деца, согласно возраста во Календарот за имунизација.  
 
6) Дијагностицираните лица со голема кашлица, да се изолираат во домашни услови најмалку 5 дена од започнување на препорачаната антибиотска терапија.