(Во живо) Пандов се надева дека судењето за Кочани ќе се одвива во дигиталната судница во Идризово


Во дигиталната судница на Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска започнува судењето за случајот „Адитив“ што се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и пет правни лица, помеѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор. Осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист. 

Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов, одржа прес-конференција пред почетокто на судењето и повика судиите и правните застапници на обвинети да бараат судењата да се одвиваат во овој објект, затоа што е европски и со цела потребна технологија, а е комфорен.

– Судницата е под Управата за извршување санкции, но е на Македонија, а седи празна. Ова е европска судница и којашто заслужува многу почесто да биде користена и оттука сакам да ги охрабрам сите судии, особено за поголемите случаи каде има повеќе обвинети, да ја користат – рече Пандов, кој спомна дека таа е направена во 2020 година, а прв пат е користена во 2022 година, додека оттогаш никој повеќе не ја користел.

Сега, направен е и проширен пристапниот пат, а обновени се и некои технички недостатоци, како на пример некој комјутер што не работел, климата и слично.

Во близина, најави Пандов, треба да се направи и притворско одделение со 420 кревети, за да не мора да се прават спроводи од Куманово или од Шутка, туку тука да се одржуваат судења.

Нова дигитална судница во КПУ Идризово со најсовремени услови за изведување на судски процеси

– Парите беа замрзаните затоа што ние сме под постијан мониторинг на Комитетот за борба против тортура, којшто е составен дел од Советот на Европа и тие имаат огромен број забелешки на работењето на македонските затвори на Управата за извршување на санкции и парите од кредитот беа под мораториум. Ние ги имавме на сметка, меѓутоа не можеа да се користат – вели Пандов.

Им кажале дека на 12 јуни ќе имаат борд на директори и дека првично парите ќе бидат ослободени на една година, а потоа ако сѐ се случува како што треба, ќе дозволат да се користат парите од ЕБОР.

За случајот по пожарот во Кочани, во кој има шеесетина обвинети досега, Пандов се надева дека и судиите и правните застапници на обвиентите ќе побараат судењето да се одржува тука.