(Видео) АДКОМ: Јавните комунални претпријатија пред банкрот поради сметките за струја
Здружението АДКОМ кое ги обединува јавните претпријатија организираше јавна дебата за плаќање на сметките за струја, кои енормно пораснаа во последниот период.
Тие бараат Јавникте комунални претпријатија ЈКП да плаќаат струја по цена од 5,28 денари, како индивидуалните домаќинства и финансиска помош на државата со покривање на трошоците помеѓу планираните и реалните сметки.
Односно, бараат да не бидат на отворен пазар за набавка на струја и да не ја плаќаат по 400, 500, 600 евра.
Сметаат дека доколку не се најде заеднички јазик, јавните комунални претпријатија би прогласиле банкрот, со што би изостанале и услугите за граѓаните.
Трајно решение е промена на тарифата која би ја плаќале.
– Ја знаеме ситуацијата. Знаеме дека има јавни комунални претпријатија во одредени општини кадешто месечната фактура за електрична енергија е повисока од вкупните приходи на ЈКП. Се кажаа тука одредени предлози од АДКОМ, за коишто реално РКЕ нема надлежност, бидејќи тоа што го кажуваат да добијат цена како за домаќинства е спротивно на постоечкиот Закон за енергетика. Но, факт е дека на ЈКП треба да им се помогне – рече Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Тој се надева дека преку договорите со Бугарија за набавка на поевтини енергенси, но и со вклучување на капацитетите од ЕСМ, ТЕЦ Неготино, или ТЕ-ТО, ако се најде поевтин гас, би се произведувала поевтина струја, која откако ќе се направи заедничко портфолио на јавни претпријатија и македонски компании, да им се даде таа струја на користење, по пониска цена.
Бислимоски рече дека на европските берзи цената на струјата е екстремно скапа, а дека се надева дека европските регулатори ќе ја ограничат цената на струјата, со што би им помопгнале на сите.