(Видео) Лансирањето на „Артемис I“ одложено за 2 септември
Најмоќната вселенска ракета требаше да полета денеска од Кејп Канаверал околу 14.30 часот, но поради технички проблеми, полетувањето е одложено за 2 септември.
Техничарите на НАСА открија пукнатина на контејнерот кој ги поврзува резерворите со водород со оние со кислород, а исто така се проверуваше и подготвеноста на моторот број 3. Но, на крај заклучија дека ракетата нема да може да полета денеска, а следнен слободен термин за полетување на 2 септември во 12.48 часот по источно време (16.48 часот по наше време).
Лансирањето е прво од шест мисии на Месечината кои се планирани до 2028 година, а имаат за цел повторно да го вратат човекот на природниот земјин сателит.
За време на мисијата „Артемис 1“ во вселенскиот брод Орион нема да има екипаж.
Оваа мисија е безбедносен тест, но следните треба да бидат со екипаж. Програмата „Артемис“ е покрената во 2017 година и со неа треба да бидат обновени патувањата во вселената. Се работи за заеднички проект на агенциите НАСА и ЕСА, како и вселенски агенции од други земји.
Целта на овој вселенски лет е тестирање на безбедноста на Орион и Системот на вселенско лансирање (Space Launch System, SLS) во пресрет на идните летови со човечки екипаж.
Со програмата ‘Артемис’ луѓето би требало да се вратат на Месечината. Со првата мисија ‘Артемис 1’ се тестираат транспортните системи со кои тоа би се овозможило.
Долгорочна цел на програмата „Артемис“ е населување на планетата Марс.
Месечината е важна станица на тој пат – еден вид истурена станица за истражувачите на Марс. Базниот камп „Артемис“ – прво место за слетување на Месечината, би требало да биде изграден до крајот на оваа деценија.
И кинеската и руската вселенска агенција исто така планираат на почетокот од 2030-тите таму да постават своја база – Меѓународна станица за истражување на Месечината. Во базниот камп мисиите ќе може да останат до два месеца и тие ќе се користат како испостава за оптимизација на технологијата и условите за живот. Астронаутите таму ќе стигнуваат за помалку од една недела, што е импресивен подвиг со оглед на тоа дека пред само 200 години на истражувачите им биле потребни четири недели да стасаат од Европа до Америка.