(Видео) Пендаровски од Рим: Радев е културен и сериозен, но се држи до бугарските барања


Италија ќе се заложи за Македонија и за целиот Западен Балкан, кој предолго остана во чекална, процесите за интеграција да се забрзаат, изјави претседателот Стево Пендаровски по средбата со претседателот на Италија Серџо Матарела.

Околу спорот со Бугарија Пендаровски рече дека не разговарал со Матарела во деталји бидејќи тоа не е негова обврска, дека предлогот дошол од португалското претседателство, а позитивно притоа е дека ниту една од двете страни не го отфрлила туку бил земен како сет на идеи за кои може да се разговара и натаму да се развиваат. За средбата со Радев тој рече дека не навлегувале во деталји, дека ситуацијата во Бугарија е политички комплицирана, а претседателот е единствен со политички капацитет, но не е добро еден човек да решава. Неспорно е, сепак, според него, дека Радев зборува со поинаква реторика од претходниците во Владата, се обраќа со културен речник, се држи до суштинските бугарски барања и не не навредува. -Се работи за човек кој е посериозен и постабилен, кој не сака на таков начин да доаѓа до политички поени, оцени Пендаровски.

-Јас во овој момент сум реалист и умерен оптимист. Разговарав со премиерот Зоран Заев, тој е таков по карактер, секојпат поголем оптимист од мене и од другите, од  државното раководство, кога ние ќе паднеме со духот – тој не крева, оцени Пендаровски.

Тој информираше дека наредните денови ќе доставиме предлози кои ќе се базираат на акционите планови, секторската соработка, кои, како што рече, ги правеле и во ноември и во декември и сме ги доставиле до Брисел и до Софија. Посочи дека нема иновација во тој дел, а вклучена е патната и енергетска инфраструктура, медиумска соработка, културата, образование…

– Многу ми е битно дали при тоа ќе бидат сочувани виталните македонски национални и државни интереси, посочи Пендаровски.

-Ставот на Софија, кој во овој момент го формулира само претседателот Радев, бидејќи нема други функционални институции, истакна Пендаровски, е дека вратата не е затворена во однос на португалскиот предлог, нагласувајќи дека тоа е се што знаеме во однос на ставот на Софија за португалскиот предлог.

– Ние сега бараме да почнеме со преговори, а понатаму низ годините можат буквално сите барање од тие нивни декларации и резолуции да ги стават на маса. Меѓутоа зборуваме да почнеме со процесот, изјави Пендаровски.

Во однос на можниот мониторинг од страна на ЕУ за почитување на договореното, шефот на државата нагласи дека нема да има нов договор со Бугарија, а земјава нема никаков проблем со мониторинг.

Во однос на можноста за отворање посебно поглавје, кое би се однесувало на почитувањето на договореното, Пендаровски вели дека нема проблем со посебни поглавја, ниту со патокази и какви било други документи, но она за што е заинтересиран е нивната содржина, што пишува во нив.

– Можам да констатирам од мојата средба со Радев  и претходно од другите контакти со него, дека неспорна е една работа – претседателот Раде зборува со сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската Влада, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи и се обидува да ја спушти топката и се обидува со културен речник да се обраќа. Тој се држи до суштинските бугарски барања, не не навредува, и тоа веќе кажува оти се работи за човек кој е сериозен, стабилен и не мисли да ќарува само политички поени со тоа што ќе навредува некој од соседите, рече  Пендаровски.

На крајот тој најави дека до крајот на оваа година, по 20 години,во земјава во официјална посета  треба ќе дојде шефот на италијанската држава.

-Италија е битна држава во ЕУ. Италија била една од најгласните адвокати за Балканот да биде интегриран во евроатлантските интеграции и значајно е што еден човек, кој е во својата седма година од мандатот и е еден од најпочитуваните европски државници, ќе ја посети нашата држава и на лице место ќе изрази поддршка за сите битни стратешки работи и за нас и за нив, нагласи Пендаровски.