(ВИДЕО) ДУИ стана зелена партија, Ахмети прозборе на македонски
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја објави најавуваната убава вест и тоа го направи за првпат на еден настан на ДУИ на македонски и на албански јазик, обраќајќи им се директно на граѓаните.
-Почитувани медиуми, драга младино, почитувани граѓани, добар ден – се обрати Ахмети на почетокот, завршувајќи во ист стил и на крајот од говорот.
На настанот, организиран по повод 19 годишнината на партијата, со зелена сценографија и со мото „За зелена иднина“ Ахмети порача дека сите ветувањата што ги давала партијата досега се исполнети и време е сега да го стави како приоритет квалитетот на живот на граѓаните.
„ По Рамковниот договор дојде време Демократската унија за интеграција да се фокусира целосно на квалитетот на животот, условите за секојдневно живеење, развојот, квалитетно образование и здравство, неселективна правда, дигитализација, социјални политики, инфраструктура, економија и животна средина… Вие младите гласно барате услови за живот како на Запад”, порача Ахмети во својот говор.
Според лидерот на ДУИ, зелената агенда претставува нов начин на креирање политики на централно и на локално ниво.
“Денеска ДУИ ја прегрнува целосно новата еколошка, зелена агенда, што подразбира живот во услови по пандемијата, отворање нови работни места. Парите наменети во Зелената агенда се инвестиција во нашето здравје, во чистиот воздух, во намалување на загадувањето на воздухот, за гасификација. Денес загадувањето на животната средина е загрозување на безбедноста.
Ние ќе се ангажираме да бидеме регионални и европски лидери во зелената еколошка политика. Европската политика значи внимавање на чистиот воздух. Да внимаваме на тоа без оглед на етничките, партиски, социјални и други разлики, бидејќи дишеме ист воздух, живееме во ист простор… Ние како ДУИ ќе бидеме столб на ваквата идна политика”, изјави Ахмети.
Јавноста го очекувше овој настан со големо внимание откако и Ахмети и Заев најавија дека ќе биде кажана убава работа, што пак беше сфатено како најава за Албанец кандидат за градоначалник на Скопје.