(Во живо) Голем протест во Вашингтон


За денеска е најавен голем мирен протест во Вашингтон пред Белата куќа против полициското самоволие и насилството на полициските службеници. МИА пренесува во живо.

Граѓаниските протести што се проширија низа САД во десетици градови, не се само против дискриминацијата врз основа на боја на кожата, туку се поттикнати и од економските и социјални проблеми во земјата. Покрај борците за човекови права, во нив учествуваат и такви групи како оние со поинаква сексуална ориентација, но и оние со низок животен стандард или невработените кои бараат достапно домување, достапна здравствена заштита и високо образование, загарантирана плата.

Гласот го креваат луѓето од маргините на општественото живеење, од сите етнички групи, Афроамериканци, белци, Јужноамериканци, Азијци, кои настрадале од полициското самоволие, и кои бараат правда и достоен животен стандард.

Мајкл Браун, Бријана Тејлор, Џорџ Флојд, остануваат главните икони во историјата на анти-црноморустиот расизам во САД. Фергусон, Балтимор, Минеаполис се градови расфрлани на разни географски точки, но ги обединува едно – шемата на распространување на дискриминација и насилство врз маргиналните групи од страна на полицијата. Еден од методите дозволен во многу одделенија на безбедносните служби, е употреба на задушување на осомничените.

Состојбите во земјата се менуваат, граѓанското општество бара реформи на кривичното законодавство и судската пракса во САД. Се бара на полицајците да им се одземат големите ингеренции на употреба на сила, лесно потегање по оружје, се бара учество на најмногу тројца полицајци за задржување на еден осомничен.

Во повеќе градови во САД се отстранија или се планирани уривања на споменици и спомен обележја од историјата на јужњачката Конфедерација, државен ентитет кој во Граѓанската војна се борел за зачувување на робовладетелството на белците врз Афроамериканците.

Познавачите велат дека на протестот во Вашингтон денеска се очекува да дојдат рекорден број луѓе, стотици илјади, можеби и милион.

-Очекуваме најголеми демонстрации во однос на бројките кои ги видовме досега и очекуваме протестите да бидат мирни, како што беа и во изминативе денови, изјави синоќа Питер Њушам, шефот на полициските служби на округот Колумбија.

По барање на градоначалникот Мјуриел Баузер, синоќа од градот се повлекоа армиските претставници и воена техника, кои го заградија периметарот околу Белата куќа за секаков пристап. Паркот Лафајет, кој излегува директно пред резиденцијата, ќе биде отворен.

https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/3133545840039776/