Во Украина пристигнаа првите американски тенкови „Абрамс“
Првите тенкови „Абрамс“ од американско производство пристигнаа во Украина минатиот викенд, пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори во Министерството за одбрана на САД.
Соговорниците на весникот нагласуваат дека станува збор само за првите единици оклопни возила ветени на Украина, без да го прецизираат нивниот број. Повеќе испораки се очекуваат во наредните месеци.
Севкупно, САД ќе префрлатт 31 тенк „Абрамс“, што е еден тенковски баталјон во украинската армија.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски го нарече „добра вест“ доаѓањето на првите тенкови „Абрамс“ во земјата. „Благодарен им на сојузниците што ги исполнија договорите! Бараме нови договори, проширување на географијата на испораките“, напиша Зеленски на Телеграм.
Соединетите Американски Држави првпат ги објавија плановите за префрлање на тенковите „Абрамс“ во Украина во јануари. Во мај во Германија започна обуката на украинската војска за тенковите. На почетокот на август, Соединетите Држави официјално ја одобрија испораката на првата серија тенкови во Украина.