Во Тиват денеска Самит ЕУ – Западен Балкан, проширувањето на Унијата во фокусот


Во Тиват денеска ќе се одржи Самитот ЕУ – Западен Балкан под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, а главна тема ќе биде проширувањето на Унијата.

Со собирот ќе претседава претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, кој претходно ги посети земјите од регионот, додека домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На Самитот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас и претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Метсола.

Според најавите, лидерите на земјите од Западен Балкан и Европската Унија ќе разговараат за проширувањето и Планот за раст, при што ЕУ се очекува повторно да ја потврди својата целосна и недвосмислена поддршка за европската перспектива на регионот.

Една од темите ќе биде и справувањето со заедничките предизвици и зајакнувањето на безбедноста и отпорноста во услови на се посложена геополитичка ситуација, како и унапредувањето на соработката во надворешната, безбедносната и одбранбената политика.

Самитот е дел од спроведувањето на Стратешката агенда на Европскиот совет за периодот 2024-2029 година. Самитите ЕУ – Западен Балкан се одржуваат од 2018 година, а последниот беше одржан минатата година во Брисел.