Во ТИРЗ во Скопје ќе се произведува бела техника наменета за извоз

Новата милионска инвестиција со над 200 вработувања што ја најави вчера премиерот Христијан Мицкоски ќе се реализира во индустриската зона во Скопје. Треба да стартува за 10-12 дена, а се работи за производство на бела техника која целосно ќе биде наменета за извоз.
Како што рече денеска Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања во рамки на посетата на Општина Штип, се работи на уште две инвестиции во зоната во Штип, како и на проширување на една од постоечките што севкупно ќе значи вложување од неколку стотици милиони евра и преку 1.000 вработувања.
-Мислам дека многу скоро од денеска ќе има многу убави вести за жителите на Штип и околината. Инвестиците во Штип не би ги кажувал, две од трите не се дел од автомобилската индустрија, а третата која ќе ги проширува кашацитетите е од автомобилската индустрија, истакна Мицкоски.
Премиерот очекува кон крајот на јуни или во почетокот на јули да бидат ставени темелите на инвестицијата во енергетиката од половина милијарда долари што беше најавена лани.