Во Струмичко се подготвува нов бунт за рудникот: „Отворивте војна со народот“
Активистите од „Здрава котлина“ велат дека Владата свесно не вложила приговор при одлучувањето за концесиите за Иловица и чекала да помине рокот
Одлуката на Вишиот управен суд околу спојувањето на концесиите на рудникот Иловица-Штука, а особено реакцијата на Владата, предизвика голема вознемиреност во Струмичко и на овој развој на настаните се гледа како на координирана активност на институциите.
Екоактивистите од „Здрава котлина“ не ги прифаќаат одлуките и образложенијата. Тие велат дека оваа влада не вложила приговор против пресудата и дека свесно дозволила роковите да поминат, со што судската одлука да се копа на Огражден стана правосилна без отпор.
Активистите се многу остри во реакцијата: „Институциите отворија војна со народот“, велат
„Владата се прави како да не прочитала во одлуката дека треба повторно да решава и за неа ова било конечно решение. Не се бунела да вложи приговор, чекала да помине рокот и сега да се почитувале законите. А очи им извадија 10 години поминати рокови, заложена македонска земја како колатерал кај странците, 75 отсто попуст на рудата, целосната несоодветност на студиите, земањето на струмичката вода од Турија, појавувањето на 22 литра во секунда силна киселина што ќе тече во наредните 500 години. Нема да копате, а отворивте војна со народот“, се вели во објавата на Фејсбук на екоактивистите од „Здрава котлина“.
Отпорот на „Здрава котлина“ лежи во документација на концесионерот.
Студијата за влијание врз животната средина, подготвена за „Еуромакс ресурсис“ во 2016 година од компанијата „Шлумбержер вотер сервисис“, утврдила дека околу 45 отсто од отпадниот материјал од рудникот ќе генерира кисела дренажа. Истата студија констатира дека третирањето на киселите исфрлања по затворање на рудникот „веројатно нема да биде изводливо со пасивна технологија“ поради нивото на киселост кое ќе се создаде. Со поедноставени зборови: откако ќе се ископа она што може да се ископа и „Еуромакс“ ќе си замине, проблемот ќе остане без решение.
Активистите покажуваат и хидрогеолошки мапи, исто така дел од Еуромаксовата ESIA студија, кои илустрираат ширење на сулфатно загадување кон Струмичката Рамница со тек на децении по затворање на рудникот.
Дополнителен аргумент на активистите е економски. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2021 година само Југоисточниот плански регион генерирал нето-додадена вредност во земјоделство од околу 175 милиони евра, повеќе отколку вкупното рударство во Македонија истата година. Со отворање на рудникот на Огражден, велат активистите, се жртвува докажан и обновлив извор на приход заради ископување кое трае 22 години, а загадувањето останувa со векови.
Концесијата на „Еуромакс“ е издадена во 2012 година во времето на владата на Никола Груевски. Законскиот максимален рок за поднесување барање за дозвола за експлоатација е четири години. Во 2026 година, дозволата сè уште не постои. Меѓувреме, концесиите беа продолжувани, споени, поништени и повторно враќани на одлучување преку синџир на судски постапки, а концесионерот отворено предупредуваше на меѓународна арбитража доколку владата не постапи по неговите барања.
Во реакцијата на Владата на одлуката на Вишиот управен суд се вели дека „станува збор за конечна судска одлука која Владата, како институција што го почитува владеењето на правото, е должна да ја почитува. Истовремено, сакаме транспарентно и отворено да ја информираме јавноста дека ова прашање не е резултат на одлуки донесени од актуелната влада, туку претставува наследена правна состојба која произлегува од одлуките за спојување на концесиите донесени во јуни 2023 година, како и од последователните одлуки за нивен престанок донесени само еден месец подоцна, по што е покрената судска постапка пред надлежните судови“, соопшти Владата.
Оттаму наведоа дека ќе бидат разгледани сите релевантни факти, стручни мислења и аргументи во рамките на законските процедури и институционалните надлежности. Соопштија дека се за економски раст, нови инвестиции и работни места, но никогаш тоа нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина.