Во Србија дозвола за чување оружје за лична безбедност имаат 188.223 лица


Граѓаните на Србија од 8 мај до 30 јуни можеа да го предадат нелегалното оружје без никакви последици, при што беа собрани 102.818 парчиња оружје и минскоексплозивни направи. Според МВР, во моментов 188.223 лица имаат регистрирано оружје за лична безбедност, јави дописникот на МИА од Белград.

Согласно мерките на Владата, во тек е изработка на Законот за изменување и дополнување на Законот за оружје и муниција, со цел заострување на условите за држење и носење кратко огнено оружје, обезбедување построги проверки на здравствената способност, како и усогласување со другите донесени мерки на Владата.

Според нив, секој за кој ќе се утврди дека носи нелегално оружје ќе се соочи со последици и може да добие затворска казна до 12 години.

Во Србија оружје за лично обезбедување пријавиле 188.223 лица, а Драгана Стојковиќ од Управата за управни работи на МВР посочува дека покрај условите за добивање дозвола за чување оружје, лице кое сака да поседува оружјето мора да ги исполнува и условите за негово безбедно складирање и чување.

Од МВР наведуваат дека покрај дозволите за носење оружје за лично обезбедување, спортско оружје во Србија имаат регистрирано 44.135 лица, а ловечко оружје 222.584 физички лица за кое се издадени потврди за држење и носење оружје.

Стојковиќ посочи дека Уредбата за просторно-технички услови за безбедно складирање и чување на оружјето пропишува дека оружјето не може да дојде во сопственост на неовластени лица, односно дека оружјето мора да се става во сефови, каси и други ормари кои не можат лесно да се отвори.

Некои од условите за добивање дозвола за чување оружје се здравствената кондиција, неосудуваност за одредени кривични дела, обука за ракување со огнено оружје, како и услови за безбедно сместување и чување оружје.

Министерството за внатрешни работи прецизира дека за да се добие дозвола за лично обезбедување, лицето мора да има оправдана причина, односно дека неговата лична безбедност може да биде загрозена поради природата на неговата работа или други околности, додека за да поседува ловечко оружје треба да достави доказ дека ги исполнува условите за поседување ловечка дозвола, а за спортско оружје потврда за активно членство во спортска стрелачка организација.

На лицата кои ги исполнуваат условите им се издава потврда за оружје со рок на важност од десет години, а припадниците на МВР се грижат за тоа дали сопственикот го чува соодветно оружјето.