Во сообраќајки настрадаа пешак, велосипедист и моторџија


Илустрација

 

Во неколку одделни сообраќајни незгоди во државава во последното деноноќие со повреди се здобиле пешак, велосипедист и моторција, а повредена е и сопатничка во автомобил.

Имено, вчера во 14.20 часот било пријавено дека на регионалниот пат Скопје–ХЕЦ „Козјак“, во атар на с.Батинци, патничко моторно возило „лада нива“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Ф.(50) од с.Алдинци, скопско, удрило во пешакот А.З.(80) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.

Истиот ден, во 19 часот било пријавено дека на регионалниот пат село Кадрифаково – Штип, кај населба Три чешми, патничко моторно возило „фолксваген пасат“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Л.В.(47) од Штип, излетало од коловозот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката К.В.(42) од Штип констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Штип.

Во 21.45 часот било пријавено дека на крстосница од ул.„11-ти Октомври, ул.„Даме Груев“ и ул.„Филип Втори Македонски“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл „хонда“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Н.(29) од Скопје и патничко моторно возило „фиат браво“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.М. од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.

Во 6.42 часот било пријавено дека се случила сообраќајна незгода на ул.„Билбилкамен“ во Битола помеѓу патничко возило марка „фиат пунто“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од А.Ѓ.(28) од с.Воѓани, општина Кривогаштани, и велосипед управуван од Р.С.(53) од Битола. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот и бил пренесен во Клиничка болница Битола за укажување лекарска помош. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Битола.