Во сообраќајка кај Костурино загина 44-годишна жена – пешак


Фото: Б. Грданоски

Во три одделни сообраќајни незгоди вчера, загина една 44-годишна жена – пешак, друга била прегазена во Битола, но поминала со повреди, а во судар во Куманово повредени се четворица, од кои двајца малолетници.

Во вторникот, во 23.55 часот во СВР Струмица било пријавено дека на регионален пат Струмица – Валандово, пред село Костурино, струмичко, патничко возило „фолксваген пасат“ со струмички регистарски ознаки, управувано од К.М.(46) од село Куклиш, струмичко, удрило во пешакот Р.С.(44) од село Јосифово, валандовско. По несреќата Р.С. била пренесена во Медицински центар Струмица, каде што од лекар била констатирана смрт. Увид на местото на несреќата извршила екипа на Полициската станица Струмица.

Истиот ден, во 10.43 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата од булевар „1 Мај“ и ул.„Столарска“ во Битола, патничко моторно возило „опел корса“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Н.Д.(77) од Битола, удрило во пешакот Д.Ј.(53) од Битола. Во несреќата Д.Ј. се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Клиничка болница Битола. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

Во 15.55 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од бул.„Трета македонска ударна бригада“ и ул.„Видое Смилевски Бато“ се случила сообраќајна несреќа  помеѓу патничко возило „цитроен“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.Т.(52) од Куманово и патничко возило „хонда“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.Д.(33) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот С.Т., додека неговата сопатничка М.Т.(19), возачот М.Д и негови двајца малолетни сопатници, сите од Куманово,  се здобиле со телесни повреди констатирани во Ургентен центар Куманово. По овластување на јавен обвинител извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.