Во Собранието промоција и свечено пуштање во употреба на „глувата соба“ и заштитениот работен простор


Фото: Б. Грданоски

Во Собранието денеска ќе биде промовирана и свечено пуштена во употреба заштитената соба и заштитениот работен простор. 

Настанот ќе го отворат и воведен збор ќе имаат претседателот на Собранието Африм Гаши и раководителот на ДЦАФ – Скопје Владо Ѓердовски. Најавени се и обраќања на поранешниот претседател на Собранието и пратеник Талат Џафери, на швајцарската амбасадорка Вероник Улман, на претседател на Комисија за надзор над службите за безбедност и разузнавање, Собрание на Република Словенија Јанез Жакељ, на директорот ДЦАФ – Љубљана Андреј Рупник и на директорот на Дирекција за безбедност на класифицирани информации Стојан Славески. 

Како што се наведува во информацијата од собраниската веб-страна воспоставувањето на заштитената просторија и заштитениот работен простор е резултат на стратешко партнерство помеѓу Собранието на РСМ и ДЦАФ – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, што ги нагласува заедничките напори за зајакнување на демократското владеење и обезбедување сеопфатни механизми за одговорност во безбедносната рамка на земјата.

– Заштитената просторија и заштитениот работен простор се дизајнирани да ги задоволат строгите безбедносни барања поставени од НАТО и од Европската Унија, што вклучува интегрирање на технолошки заштитни мерки, а физичкиот простор е изграден од материјали кои спречуваат неовластено следење и прислушување, обезбедувајќи комуникациите да останат доверливи и заштитени од надворешни закани. Проектот ги вклучува најдобрите практики на управување  со безбедносниот сектор и обезбедува приспособливост на идниот напредок во надзорот над безбедноста и разузнавањето, посочуваат од Собранието.

Просторијата се предвидува првенствено да биде за користење на Собранието и Комисиите кои работат со класифицирани информации, но во исто време таа ќе може да се отстапи за користење на останатите државни органи доколку имаат потреба за тоа и се разбира, со одобрување на Собранието.

За реализација на т.н „глува соба“ во Собранието имаше шест јавни повици. Повеќето не беа успешни поради, како што објаснуваше, поранешниот прв човек на Собранието Талат Џафери несоодветни понуди.

Последниот јавен повик беше успешен и заштитената соба почна со изградба, според информациите од ДЦАФ, во јули 2023 година.