Во Собранието ќе заседаваат неколку комисии, тројца нови амбасадори ќе ги претстават своите платформи


Фото: Б. Грданоски

Во Собранието денеска ќе заседаваат Комисијата за образование, наука и спорт, Комисијата за одбрана, Законодавно-правната комисија, Комисијата за надворешна поитика и надворешна трговија и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.

Предлог на одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради можност за настанување на пореметување на снабдување со нафта и нафтени деривати на територијата на Република Северна Македонија е на дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност. 

Пред членовите на Комисијата за образование, наука и спорт се Предлог на законот за високото образование, Предлог на законот за обезбедување на квалитет во високото образование и науката и Предлог на законот за научноистражувачката дејност, сите во прво читање.

На дневен ред на Законодавно-правната комисија се Предлог на законот за високото образование и Предлог на законот за обезбедување на квалитет во високото образование и науката, и двата во прво читање.

Пред Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија платформите за дипломатските активности ќе ги претстават тројца новоименувани вонредни и ополномоштени амбасадори. 

Во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска ќе не претставува Илина Мангова, во Комонвелтот Австралија – Стојанче Китаноски и во Кралството Холандија – Линда Салиоска Иљазоска.

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ќе одржи Надзорна расправа на тема: „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“.