Во случај на закани со бомби преку мејл, ќе се знае како да се постапува


Фото; Б. Грданоски

Неколку месеци, училиштата во Скопје и неколку други градови низ државата беа евакуирани поради редовни закани за поставени бомби кои стигнуваа по меил. Подоцна заканите се појавија и за други институции. Овие закани се случуваа од октомври 2022 до пролетта 2023 година, а завршија откако МВР наводно презеде поинакви мерки. Никогаш не кажаа како престанаа заканите, дали престанаа, се пресретнуваа или се игнирираа.

Денеска, министерот за дигитална трансформација Стефан Андовонски ја презентира Националната стратегија за сајбер безбедност 2025-2028, која ги исцртува патоказите, како секој треба да постапи при такви закани.

– Во моментот нема протоколи за однесување. Кога ќе се случи ваква ситуација, нема начин, не знаат институциите како треба да постапуваат – кој треба да се информира, кој е надлежен, кој ја има одговорноста и кои се скалилата на оценување. Иста е ситуација е ако се случи, сајбер инцидент или сајбер напад во определена институција, на пример некое училиште. Имате сјабер напад и одеднаш се заклучуваат сите мејлови, сите податоци на учениците. Во моментот нема ниту одговорност на одговорното лице, ниту раководното лице има информација како треба да постапи во дадената ситуација. Стратегијава точно го исцртува тоа: дека ќе имаме задача во определен рок да донесеме правилници, протоколи, начини на известување, правила на игра коишто едно, ќе дадат одговорност на секое раководно лице како треба да постапува во ваков случај и второ ќе го исцртаат патоказот, чекорите коишто треба да ги преземе едно лице ако се соочи со ваков сајбер напад или сајбер инцидент или пак хибридна закана – рече Андоновски на прес-конференција во Владата .

Министерството за дигитална трансформација и Секторот за сајбер безбедност ќе прават мониторинг на сајбер инцидентите низ државата и ќе репортира колкава е заканата. Во случај на помали закани има еден протокол на однесување, во случај на средни друг и на големи сајбер напади има трет протокол на однесување.(Б.Б.)