Во Словенија од Ковид-19 починаа 60 отсто корисници на старските домови


Според најновите податоци, во Словенија од почетокот на епидемијата од последиците на ковид-19 до сега починале близу 60 отсто луѓе корисници на старските домови.

Според податоците на словенечкиот национален Институт за јавно здравје, минатата година во Словенија забележан е 2.891 смртен случај кај лицата заразени со корона вирусот, од кои во 1.682 случаи се работело за корисници на домови за стари лица, што изнесува 58 отсто од вкупно починатите од последците од Ковид-19, рече директорот на ИЈЗ, Милан Крек.

Зборувајќи за морталитетот и последиците од епидемијата на популацијата, Крек рече дека Словенија може да се спореди со северот на италија, според високата смртност на популацијата, каде процентот на починати во домовите за стари лица исто така е висок, околу 39 отсто, иако понизок од оној во Словенија.

Најмногу смртни случаи од Ковид-19 во Словенија се забележани кај лицата постари од 85 години, но забележани се и смртни случаи во возрасната група од 25 до 34 години, а минатата година почина жена во 31 недела од бременоста од заразата со корона вирус на крајот на годината, рече Крек, додавајќи дека лекарите успеале да го спасат новороденчето, но не и мајката.

Според прелиминарните податоци, во Словенија во 2020 година починале 3.135 повеќе луѓе од 2019 година, што делумно се припишува на ковид-кризата, но и последиците од долгогодишното занемарување на потребниот персонал и капацитетите за сместување во домовите и недоволната грижа за старото население воопшто, изјави Крек.

Додаде дека на СЛовенија ѝ се потребни повеќе домови за стари лица, кои треба да ги градат по нови стандарди, но исто така и повеќе болници за палијативна нега за оние чие сместување во домови, повеќе нема смисла.