Во Скопје прв слободен термин за лични документи во декември, во другите градови во септември
Со името Република Северна Македонија веќе се издадени околу 1.000.000 патни исправи и над 800.000 лични карти
Со името Република Северна Македонија веќе се издадени околу 1.000.000 патни исправи и над 800.000 лични карти, а останатите, согласно Договорот од Преспа ќе треба да бидат заменети до 12 февруари следната година.
Од Министерството за внатрешни работи за МИА уверуваат дека сите граѓани на кои им е потребна патна исправа, лична карта или друг документ, ќе ги добијат, обезбедени се доволно обрасци и има доволно време, за сето тоа да се реализира.
– Повторуваме дека нема да има казни за граѓаните доколку не ги сменат документите и апелираме да не се шират дезинформации, се вели во одговорот од МВР за МИА.
Граѓаните можат да закажат термин телефонски, електронски преку сајтот на МВР, но и преку порталот uslugi.gov.mk. Од МВР, посочуваат дека максимално се користат сите капацитети, работејќи и за викенди и за празници и дека ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи.
Додека првиот слободен термин за замена на личните документи по редовна постапка во Скопје е во декември, во другите градови слободни термини има во септември.
-Според податоците добиени од економскиот оператор којшто за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, за аплицирање за лични документи во Скопје првиот слободен термин е во декември. Напоменуваме дека, доколку граѓаните имаат итна потреба од документи, постои итна постапка преку која може веднаш да се добијат бараните документи. За другите градови, има слободни термини во септември, се вели во одговорот од МВР, за тоа уште колку слободни термини за промена на личните документи по редовна постапка има останато до истекот на рокот за промена, велат од МВР.
Појаснуваат дека при замена на пасош кој е сè уште во важност, тој се одзема од страна на службеникот, се до одобрување на новиот документ. Но, доколку граѓанинот има потреба од патување, од МВР посочуваат дека може да го подигне стариот пасош се до моментот на издавање на новиот документ.
-При поднесување на барање за издавање на нови лични карти и возачки дозволи, стариот образец ако е важечки се враќа на подносителот, укажуваат од МВР.
Издавање на лична карта по редовна постапка чини 310 денари, а на пасош 2 300 денари
Освен потребните документи за замена на лична карта по редовна постапка граѓаните ќе треба да платат и 310 денари. Личните карти се изработуваат во рок од 15 дена од денот на поднесување на молбеното барање.
Во редовна постапка, патна исправа за лица над 27 години чини 2 300 денари, за возраст од 4 до 27 години 1 700 и за дете до 4 години 1 600 денари.
Патната исправа во редовна постапка, се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето, а доколку имаат потреба граѓаните може да побараат да им биде издадена по итна постапка, што пак ќе ги чини патна исправа за лица над 27 години чини 6 400 денари, за возраст од 4 до 27 години 6 300 и за дете до 4 години 6 200 денари.
Освен личните документи, граѓаните со новото име на државата ќе треба да ги заменат и возачката дозвола, сообраќајната дозвола и табличките на возилата.
Возачка во редовна постапка чини 520 денари, а во итна 1 340 денари. Сообраќајната дозвола граѓаните ќе ги чини 310 денари, а регистарските таблички 1 250 денари.
Народниот правобранител бара Владата уште еднаш да ја разгледа можноста за евентуално покривање на трошоците за личните карти
Владата уште еднаш да ја разгледа можноста за евентуално покривање на трошоците во најмала рака за личните карти, обврска која се наметнува со самиот Закон за лични карти. За сите граѓани кои не по нивна вина остануваат без валидна лична карта, државата да го сноси финансискиот трошок, вели народниот правобранител Насер Зибери во изјава за МИА.
Зибери посочува дека до Народниот правобранител изминатиот период пристигнувале претставки по два основа, односно немање можност за закажување термин за промена на документи и финансиски товар.
-Нашите надлежности се лимитирани во насока на надминување на проблемот. Ние скоро секојдневно го покренуваме прашањето и ја информираме јавноста дека стигнуваат претставки. Врз основа на тие претставки ние се обраќаме до надлежните институции, во случајот до Министерството за внатрешни работи. Овој проблем се отвори последните денови откако граѓаните не можеа да добијат термин за отпочнување на постапката за обновување на документи, изјави Зибери.
Според него, направен е пропуст со тоа што надлежните институции не почнале со издавање на личните документи со новото име од денот кога е донесена одлуката.
– Претпоставувам дека МВР имале намера да ги искористат старите обрасци, а тоа пак доведе до оваа ситуација во која сме доведени односно голем број граѓани да се изложат на дополнителен трошок и да не можат да добијат термин да ги обноват своите лични документи. Од тие причини, сметам дека Владата не направи добра проценка, ниту донесе некаков Оперативен план за спроведување на оваа активност што значи граѓаните се ставаат во крајно неповолна ситуација, појаснува Зибери.
Тој посочи дека со ова граѓаните се доведуваат во ситуација да не можат да си остварат и други права како што се подигнување на плата, пензија, право на социјална помош, уплата на рата, право на глас и слично.
Законска обврска за смена на личните документи согласно Договорот од Преспа е 14 февруари 2024 година
Сите лични документи согласно Договорот од Преспа треба до 12 февруари 2024 година да бидат со „Република Северна Македонија“. Ова подразбира дека сите лични карти, пасоши и возачки дозволи кои се со важечки датум, а го содржат името „Република Македонија“ граѓаните ќе треба да го променат најдоцна до истекот на овој рок.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, минатата недела, изрази уверување дека остварувањето на кое било граѓанско право нема да биде доведено под знак прашање доколку навреме не се променат личните документи.
За ставот на народниот правобранител дека личните документи со додавката „северна“ треба да бидат на товар на буџетот на државата, Спасовски одговарајќи на новинарско прашање рече дека засега нема таква одлука.
-Во однос на промената на личните документи коишто ги имаме засега нема каква било друга одлука од таа којашто е донесена. Значи, тие треба да бидат променети, рече Спасовски во одговор на прашање при одбележувањето на Денот на Единицата за брзо распоредување во Куманово и нагласи дека веќе се променети над еден милион документи.
Прашан дали со старите лични документи ќе може да се гласа на претстојните претседателски и парламентарни избори, рече дека сега воопшто не се поставува тоа прашање.
Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот. Но, проблемот е во тоа што државата не почнала веднаш со издавање на лични документи со „Република Северна Македонија“, па така има граѓани кои ги замениле личните документи по овој рок, а државата им издала лична карта, пасош или возачка дозвола со „Република Македонија“.