Во сила стапија нови правила на ЕУ за родова рамнотежа во управните одбори на компаниите


 Во сила стапи новата Директива на ЕУ за родова рамнотежа на управните одбори, чија цел е да обезбеди порамномерна полова застапеност во раководните тела на компаниите во сите земји членки на Унијата, соопшти денеска Европската комисија. 

Согласно Директивата, сите компании во ЕУ кои котираат на берзите мора да имаат најмалку 40 отсто припадници на „недоволно застапениот пол меѓу нивните неизвршни директори и 33 проценти меѓу сите директори“. Компаниите имаат рок да се усогласат со оваа одредба до 30 јуни 2026 година. 

ЕК наведува дека уделот на жените во управните одбори на компаниите во ЕУ во просек изнесува 34 отсто. Од 2010 година, па досега, застапеноста на жените во управните одбори е зголемена во повеќето земји на ЕУ, но степенот на напредок значително варира од држава до држава, а во некои членки дури и стагнира.  

Во 2024 година, жените сочинувале 39,6 отсто од членовите на одборите на најголемите компании што котираат на берзите во земјите на ЕУ каде постојат задолжителни родови квоти, споредено со 33,8 проценти во членките каде има поблаги мерки за полова рамнотежа. 

Согласно Директивата, земјите членки на ЕУ во своите национални законодавства треба да воведат специфични задолжителни правила за постапките за избор на директори со транспарентни и родово неутрални критериуми, како и да предвидат дека во случај на подеднакво квалификувани кандидати од двата пола, предност за избор ќе има кандидатот од „недоволно застапениот пол“. 

Покрај ова, мора да се преземат мерки за „поттикнување на индивидуалните заложби на компаниите за постигнување родова рамнотежа меѓу нивните извршни директори“, како и да се предвидат ефикасни и соодветни казни за фирмите што не ги почитуваат обврските, кои може да вклучуваат парични глоби, но и поништување на назначувањето на спорните директори. 

Директивата, исто така, ги обврзува земјите членки на ЕУ да објават список на компании кои ги постигнале целите за рамнотежа на половите, како и да формираат едно или повеќе тела за промоција, анализа, следење и поддршка на родовата рамнотежа во управните одбори. 

Согласно одредбите од Директивата, Европската комисија може да покрене прекршочна постапка против земјите членки на ЕУ кои нема да се усогласат со правилата. 

Истражувањата поврзани со родови стереотипи во ЕУ спроведени во 2024 година, покажува дека европските граѓани генерално ја поддржуваат половата еднаквост и сметаат дела таа е корисна за сите. Така, три од четири од испитаници сметаат дека и мажите имаат корист од родовата еднаквост, а 55 проценти поддржуваат воведување мерки за надминување на недоволната застапеност на жените на раководни позиции. 

Директивата за родова рамнотежа беше предложена од страна на Европската комисија во ноември 2012 година. По десет години дискусии, таа беше усвоена од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ во јуни 2022 година, а стапи во сила дури сега. 

Како продолжение на заложбите од Стратегијата на ЕУ за родова еднаквост 2020-2025 година, Европската комисија планира усвојување на Патоказ за правата на жените, кој би требало дополнително да ја зајакне посветеноста на Унијата за еднаквост меѓу половите и да претставува основата за зајакнување на правата на жените и нивно поголемо учество на пазарот на трудот и на раководни позиции.