Во Шпанија медицински сестри пешачат 20 километри низ снегот за да ги одменат колегите во болниците во Мадрид


Бурата „Филомена“ блокираше дури 20.000 километри патишта во Шпанија (Фото: Пацифик прес)

Неверојатна пожртвуваност на здравствените работници да им помогнат на колегите кои поради блокираната земја од снегот останале на работа и по три смени

 

Здравствените работници во Мадрид се најдоа пред уште еден предизвик – некои пешачат со часови за да им помогнат на своите истоштени колеги, додека Шпанија се бори со смртоносното невреме и пандемијата на корона вирусот.

Бурата „Филомена“ ја погоди Шпанија во петокот, прекривајќи големи делови од земјата со снег и го доведе Мадрид во ќор-сокак, бидејќи градот се соочи со најсилните снежни врнежи во последните 50 години. Низ целата земја невремето однесе најмалку четири животи, погоди околу 20.000 километри патишта и остави илјадници заробени во нивните автомобили дури 12 часа без храна и вода.

Во болниците во Мадрид, веќе оптоварени со пациенти од корона вирус, уморниот персонал се обидуваше да се справи со ситуацијата. Здравствените работници двојно и тројно ги зголемија своите смени за да ги покриваат колегите кои не беа во можност да дојдат на работа, додека една болница направи во импровизиран дом за вработените кои не можеа да се вратат дома.

Со блокирани патишта за автомобили и откажани патнички возови, болничарот Раул Алкохор пешачеше 14 километри за да стигне за неговата смена во болницата во предградието на градот. „Морално, не можев да останам дома“, рече тој, цитирајќи колеги кои работеле повеќе од 24 часа.

Патувањето му траеше два часа и 28 минути, комплицирано од многуте паднати дрвја и снег кој на моменти беше длабок 40 сантиметри. „Си реков,‘Продолжи’“, рече Алкохор за радиодифузерот Кадена Сер. „Ако стигнам таму, јас сум таму. Ако не успеам, ќе се свртам назад“.

Другите ја имаа истата идеја. Една медицинска сестра ја сподели својата приказна додека пешачеше 20 километри до нејзината болница, додека видеото објавено на социјалните мрежи покажа дека две медицински сестри одат 22 километри за да стигнат до мадридската болница „12 Октомври“.

Здравствените работници во Шпанија со месеци немилосрдно се бореа против епидемијата на корона вирусот, која е рангирана меѓу најлошите во Европа, а при тоа десетици илјади од нив се заразуваат. Вирусот во Шпанија уби повеќе од 50.000 луѓе, додека кумулативниот број на потврдени случаи неодамна ја помина границата од 2 милиони.

Во неделата централната влада работеше на организирање на колони придружувани од полицијата за да ја носат неделната пратка на вакцината против Ковид-19, како и залихите за храна во отсечените области. Армијата исто така беше ангажирана за да помогне во здравствената заштита, пренесувајќи 66 пациенти со дијализа во разни болници.

Официјални лица предупредија дека може да се случи најлошото. „Кога невремето ќе стивне, ќе се соочиме со интензивен студен фронт, што ќе донесе многу ниски температури што ќе значи дека ќе треба да се справиме со мразот“, им рече на новинарите Хозе Луис Áбалос, шпански министер за транспорт. „Влегуваме во ситуација што може да биде поопасна од онаа во која се наоѓаме сега.“

Невремето е виновно за смртта на четири лица низ целата земја; маж и жена чиј автомобил го однела надојдена река во близина на градот Фуенгирола, 54-годишник во Мадрид кој бил пронајден закопан во снег и бездомник кој починал од хипотермија во северниот град Сарагоса. (Гардијан)